Велигденската трпеза во Грција поевтина во споредба со лани

од Vladimir Zorba

  Доколку граѓаните правилно ги разгледаат цените и одберат поевтини производи, тогаш оваа година за велигденската трпеза ќе треба да одвојат помалку пари, покажуваат резултатите од трите различни и меѓусебно неповрзани истражувања направени од Грчката конфедерација за трговија и претприемништво, Институтот за малопродажба на стоки за широка потрошувачка и Центарот за заштита на потрошувачи на Грција.

Проценките се дека годинава за Грците, Велигден е поевтин, а тоа во најголема мера се должи на намалувањето на цените на овошјето и зеленчукот.

– Велигденската трпеза за 8-10 лица ќе чини од 69,14 до 162,90 евра. Односно ако одбереме пониски цени, вкупниот износ ќе биде намален за 3.05 отсто, додека пак ако избереме повисоки цени, трпезата ќе биде поскапа за 2.81 отсто во споредба со лани, покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот за заштита на потрошувачи на Грција.

– Трошокот за класична велигденска трпеза за 6-8 лица е намален за 1.7 евра. Вкупниот износ на годинешната велигденска трпеза изнесува 92.7 евра, намалено за 1.8 отсто во споредба со 2017 година (94,4 евра). Ова главно се должи на падот на цените на овошјето и зеленчукот, анализираат од грчката конфедерација за трговија и претприемништво, по направеното истражување во пресрет на Велигден.

И резултатите од Институтот за малопродажба на стоки за широка потрошувачка покажуваат дека намалувањето на цените на овошјето и зеленчукот во Грција, резултира со поевтина крајна сметка во супермаркетите.

– Класичната кошница од големи синџир супермаркети за 2018 се проценува на 55,74 евра и бележи намалување за пет отсто во споредба со 2017, кога беше 58,53 евра, соопштуваат од Институтот за малопродажба на стоки за широка потрошувачка.

Дописничката на МИА од Атина, поразговараше со Грци кои одбраа во последен момент да се снабдат со неопходните продукти за Велигден, сите велат дека нема драстични промени во цените споредено со претходните неколку години.

– Се трудиме да разгледаме убаво, да ги провериме цените, но и квалитетот. Осум години криза, веќе се навикнавме да бараме евтини производи, коментира средовечен Грк, кој со својата сопруга внимателно одбира производи.

– Денеска излегов само да прошетам, веќе ги купив потребните работи, но и подароци, кусо одговара Гркинка додека разгледува во продавниците во центарот на Атина.

– Цените се исти како и лани, нема никакви промени. Оваа година оставив во последен момент да испазарам, но купив сѐ, ми остана уште јагне, вели повозрасна госпоѓа додека се распрашува за цените на месата.

На централниот атински пазар, од каде што најчесто граѓаните купуваат месо, особено јагнешко без кое не може да помине велигденската трпеза, дел од трговците за МИА велат дека се задоволни од прометот оваа година, додека пак во однос на цените, велат дека нема промени од лани .

– Добро е, добро е. Годинава сме задоволни. Во исти рамки се движи продажбата како и лани. Цените се исти, добри се, 5.99 евра јагнешко, 4.99 јарешко месо, цените можеби се и за пет отсто пониски оваа година, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина, еден од месарите на најголемиот пазар за месо во грчката престолнина.

– Мислам дека оваа година имаме повеќе промет од лани, а цените се исти, вели друг месар.

Слични содржини