Велика Британија започнува ново тестирање: Пациенти кои прележале ковид 19 повторно ќе бидат изложени на вирусот

од Берта Китинска

Британски научници денес започнаа тест со кој поранешните пациенти со ковид-19 повторно ќе бидат изложени на вирусот корона, со цел да се испита имунолошкиот одговор и да се види дали луѓето ќе бидат повторно инфицирани, објави Ројтерс.

Во февруари, Обединетото Кралство стана првата земја во светот што спроведе испитувања со ковид-19 врз луѓе, како во случајот кога волонтерите беа намерно изложени на ковид 19 за да помогнат во борбата против оваа злобна болест.

Тестирањето, кое започна денес, се разликува од тоа спроведено во февруари и има за цел да види дали луѓето повторно ќе се инфицираат, што може да им овозможи на научниците подобро да го разберат имунитетот. Научниците веруваат дека е поефикасно да се изложат поранешните пациенти на корона отколку да се заразат луѓе кои немале ковид-19.

– Информациите од ова истражување ќе ни овозможат да развиеме подобри вакцини и третмани, но и да разбереме дали луѓето се заштитени по вирусот и колку – рече вакцинологот и раководител на истражување на Универзитетот во Оксфорд, Хелен Мек Шејн, пренесува Танјуг.

Таа додаде дека истражувањето ќе им помогне на научниците да го разберат имунолошкиот одговор кој штити од реинфекција.

Ројтерс додава дека научниците со децении користеле луѓе за тестови за да дознаат повеќе за маларија, грип, тифус и колера и да развиваат лекови и вакцини против овие болести.

Во првата фаза од студијата, на половина од волонтерите ќе им биде дадена најмалата доза на корона неопходна за реплицирање на вирусот, и се очекува да не развијат симптоми или да бидат благи.

Во втората фаза, која започнува на лето, другите волонтери ќе бидат заразени со „стандардната доза“.

Во фаза една, до 64 здрави учесници во тестот, на возраст од 18 до 30 години, кои биле заразени со ковид-19 пред најмалку три месеци, ќе бидат заразени со оригиналниот вид САРС-КоВ-2.

Потоа ќе бидат ставени во карантин најмалку 17 дена и ќе бидат надгледувани, а доколку некој развие симптоми, тие ќе бидат третирани со моногени антитела Регенерон.

Слични содржини