Актуелно
Почетна / Локално / Велосипедот се уште најмудра опција за транспорт

Велосипедот се уште најмудра опција за транспорт

Светскиот ден на велосипедистите оваа година Град Скопје го дочека справувајќи се со предизвиците на светската пандемија на коронавирусот која го наметна велосипедот како најбезбедно превозно средство од аспект на превентивната заштита од  Ковид-19.

Во тек е јавниот повик за субвенционирање за купување на велосипед за жителите на Скопје кој градот ко распишува веќе неколку години по ред. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице.

Годинава интересот за набавка на велосипеди е драстично зголемен, особено по појавата на епидемијата на коронавирусот, за што говори и фактот дека само во првиот ден од објавувањето на јавниот повик поднесени се 696 барања од граѓаните за субвенции за купен велосипед. Зголемениот интерес и почитувањето на физичката дистанца меѓу граѓаните коишто аплицираа резултираше со формирање редица подолга од 200 метри околу седиштето на Град Скопје.

До крајот на денешниов ден поднесени се вкупно 2.173 барања од граѓаните за субвенции за купен велосипед и 191 барање за купен тротинет. Ги охрабруваме граѓаните кои имаат интерес да поднесат барање за субвенции да го сторат тоа и во текот на утрешниот ден.

Во изминатите 2 години Град Скопје ја интензивираше изградбата на нова и реконструкцијата на постојната велосипедска инфраструктура што резултираше со годишен просек од околу 14 километри новоизградени и реконструирани велосипедски патеки и велосипедски ленти.

Град Скопје го следи примерот на повеќе светски метрополи кои како одговор на епидемијата работат на мотивирање на граѓаните повеќе да користат пешачење и велосипед како поздрави форми на мобилност во однос на автомобилскиот и јавниот превоз.

Во моментов се работи на изградба на велосипедски ленти на коловоз на улиците Св. Кирил и Методиј и 4-ти Јули, а велосипедски патеки се градат на булеварите АСНОМ и Киро Глигоров и на улицата Благоја Стефковски.

Новата велосипедска лента на улицата Св. Кирил и Методиј е со ширина од 1,5 метри, а е добиена со стеснување на постојните три коловозни ленти од 3,5 на 3 метри. На тој начин се добива побезбеден сообраќај преку смирување на автомобилскиот сообраќај, бидејќи ширината на сообраќајните ленти од 3 метри е идеална ширина за брзина на движење од 50 км/час колкаво што, впрочем,е законското ограничување на максималната брзина на движење на автомобилски сообраќај на градските улици.

До крајот на годинава се очекува да биде изградена нова велосипедска инфраструктура на булеварот Александар Македонски и на улиците Васко Карангелески, Франклин Рузвелт и Никола Парапунов.

Покрај брзата изградба на нови велосипедски патеки и велосипедски ленти на коловоз, во насока на превентивна заштита од коронавирусот, а со цел ослободување на повеќе простор за велосипедски и пешачки сообраќај како најбезбедни од тој аспект, Град Скопје го започна отстранувањето на 240 рекламни објекти (билборди и ситилајти) кои во минатото биле поставени на јавни површини кои го ограничуваат просторот за движење на велосипедистите и пешаците. Најголем дел од овие рекламни објекти биле поставени на јавни површини во централното градско подрачје, а дел од нив биле поставувани и на велосипедски патеки, спротивно на сообраќајните прописи.

Покрај овие рекламни објекти за кои постои договор помеѓу Град Скопје за приватните концесионери, предвидено е и интензивно отстранување на нелегално поставени рекламни објекти на јавните површини на повеќе локации во градот.

Во претстојниот период Град Скопје ќе ги продолжи интензивните активности во насока на развивање нова и унапредување на постојната велосипедска инфраструктура нудејќи практични сообраќајни решенија кои ги мотивираат граѓаните уште помасовно да го користат велосипедот како превозно средство во насока на постигнување одржлива урбана мобилност на долг рок.

loading...