Верстапен казнет и по Големата награда на Саудиска Арабија

од Vladimir Zorba

Светскиот лидер во Формула 1, Макс Верстапен доби казна од десет секунди по крајот на трката за ГН на Саудиска Арабија поради инцидентот со Луис Хамилтон на крајот од 37-от круг.

Во него, возачот на Ред Бул драстично ја намали брзината пред последниот свиок за да се обиде да го пропушти седумкратниот шампион. Сепак, тој не сакаше да го преземе водството, бидејќи тоа ќе му овозможеше на Верстапен да го користи својот ДРС систем на стартно-целната линија и да ја врати својата позиција.

По малку „демнење“ со мала брзина, дојде до удар меѓу двајцата претенденти за титулата, кој му откина дел од предното крило на Британецот. Веднаш на радио се пожали дека Верстапен стиснал силно на сопирачките и дека немало шанси да избегне контакт.

Двајцата беа повикани кај стјуардите по церемонијата на доделување на наградата за да ја дадат својата верзија за инцидентот. Откако ги слушнаа двајцата и ги анализираа податоците од телеметријата, комесари одлучија дека Верстапен всушност постапил неправилно и го санкционираа со десет секунди.

Покрај нив, Холанѓанецот доби и два казнени поени во својата тркачка дозвола, со што неговиот вкупен број во последните 12 месеци се искачи на седум. Кога ќе собере 12 во една календарска година, на пилотот му е забрането да учествува на една трка.

И покрај казната, возачот на Ред Бул го задржа второто место на трката во Џеда, на која победи Хамилтон. Покрај тоа, Британецот зеде бонус поен за најбрзиот круг, со што се израмни со противникот на врвот во генералниот пласман на едно коло пред крајот на шампионатот. Сепак, Верстапен има предност од девет победи наспроти осумте на Хамилтон.

Така, по втор пат во историјата на спортот, двајцата претенденти за титулата ќе ја започнат последната трка со еднаков број бодови. Во претходниот случај во 1974 година, Еморсон Фитипалди успеа да го победи Клеј Регацони и да ја зграпчи својата втора титула во Формула 1.

А спорот меѓу Хамилтон и Верстапен во 2021 година ќе биде решен оваа недела на трката за Големата награда на Абу Даби на реновираната патека „Јас Марина“.Трката започнува во недела во 14:00 часот по македонско време.

Слични содржини