Весковски ветува изградба на најмалку две нови градинки во Карпош

од Nikola Popovski

Планираме да изградиме по една нова детска градинка во зоната покрај реката Вардар и на просторот околу некогашна „Алуминка“, со што значително ќе се подобри капацитетот и квалитетот на грижата за најмладите карпошани, најави кандидатот за градоначалник на општина Карпош, Душко Весковски.

Тој истакна дека, пред сѐ, ќе значи згрижување на сите дечиња од предучилишна возраст што се на листите на чекање, но и можност за отворање нови работни места.

-Новите детски градинки ќе бидат во согласност со најновите стандарди, енергетски ефикасни, со многу зеленило, и со површини за спроведување рекреативни и спортски активности на дечињата во текот на нивниот престој. Дополнително, во рамките на можностите и потребите, ќе извршиме и реконструкција на постојните капацитети во детските градинки, со цел подобрување на условите за вработените и за дечињата што се згрижени во нив, вели Весковски и додава:

-Нашата политика и проектите што се планира да се реализираат во наредниот четиригодишен период треба да остварат позитивен ефект врз оваа целна група, преку обезбедување и одржување здрава средина за раст, развој, отворање можности за образование во современо опремени училишта и нивна подготовка за продолжување на средното образование според сопствен избор, квалитети и афинитети. Проектите што се предвидуваат треба да придонесат за зајакнување на капацитетите на постојните основни училишта и детски градинки, за зајакнување и интензивирање на примената на спортот и различните спортски дисциплини во рамките на основните училишта, за поддршка на воннаставните активности и културното издигнување на младите генерации, за инклузија на децата со посебни потреби во сите сегменти, за размена на знаење и искуства преку остварување соработка и партнерства со други училишта од Градот, Републиката, Балканот и Европа, вети Весковски.

 

Слични содржини