Пронајдени се делови од телата на загинатите во авионската несреќа и префрлени на судска медицина, сите се италијански граѓани
Шестмина Италијанци загинаа во авионската несреќа што се случи вчера попладне во близина на Скопје, потврди италијанската агенција „Анса“. Авионот Пајпер полета од авиоклубот Тревизо во 14 часот и исчезна од радарите на Контролната кула на Скопскиот аеродром вчера попладне околу 17.40 часот во фазата на слетување, пишува и италијанскиот весник Ла република.
Во него биле петмина патници, плус пилотот Франческо Монтањер, кој е претседател на аматерскиот спортски авиоклуб Тревизо. Со него биле и потпретседателот на клубот Дарио Бастасин, Лука Дале Муле, Анџело Калјегари, Иларија Берти и Висар Бегај, Косовец со италијанско државјанство. Жртвите се од италијанските провинции Тревизо, Падуа и Удине.
Пајперот морал да слета во Скопје за да наполни гориво. Спасувачките тимови од синоќа се во потрага по црната кутија за да се утврди причината за несреќата. Потрагата е отежната, бидејќи кај местото на несреќата, скопското село Кожле, временските услови се лоши со дожд, ветар и намалена видливост.
Групата го планирала патувањето во Македонија за бизнис, исто така, поврзан со авиоклубот. Од пистата на аероклубот полетале четири авиони, два за Приштина и два за Скопје. Сите пристигнале на нивните дестинации, освен Пајперот на претседателот на авиоклубот, пренесе СДК.
Истражителите веќе пронашле остатоци од телата на патниците од авион кој се урна кај велешкото село Кожле, . Се очекува како ќе бидат пронаоѓани,така тие да бидат пренесувани во Институтот за судска медицина во Скопје.