ВИДЕО: Протестираат работниците во најголемата светска фабрика на iPhone во Кина

од Stefanija Kuzmanovska

На социјалните мрежи беа објавени снимки од големите протести кои избија во фабрика за iPhone во Кина.

Објавени се видеа од протести во големата фабрика за iPhone на Foxconn во кинескиот град Женгжу. На снимката се гледаат стотици работници кои маршираат по улица, некои од нив се судираат со полицијата и луѓе кои носат скафандери кои штитат од коронавирусот.

На некои видеа работниците се жалат на квалитетот на храната, а други не се задоволни од исплатата на бонусите кои им биле ветени. Во едно видео работниците скандираат: „Ги браниме нашите права!“.

Лицето кое го снимило видеото извикува: „Тие се залетуваат кон нас! Димни бомби! Солзавец!“, пренесе „Франс прес“. На една фотографија се гледаат изгорени остатоци од врата на фабриката.

„Ројтерс“ не можеше да потврди дали видеата се автентични, а Foxconn се уште не ги коментирал немирите. Хаштагот „Foxconn Riots“ е цензуриран на кинеската социјална мрежа Веибо.

Протестот се одржа во Женгжу, односно во најголемата фабрика на iPhone во светот, каде работат околу 200.000 работници. Многу работници избегаа од таму поради лошите услови за работа и начинот на кој управата се справуваше со случаите на коронавирусот.

За да го продолжи производството, раководството ангажирало повеќе работници, ветувајќи повисоки плати и бонуси. Фабриката функционирала на тој начин што работниците живееле таму, отсечени од остатокот од светот, што било воведено поради борбата против коронавирусот во Женгжу.

Поради проблеми со производството, Apple на почетокот на овој месец објави дека очекува одложување на испораката на премиум iPhone 14.

Слични содржини