(ВИДЕО) Шимпанзa снимени како се дружат додека консумираат ферментирано овошје

од Milan1
46 прегледи

Истражувачите предводени од експерти од Универзитетот во Ексетер ги снимија шимпанзата во Гвинеја-Бисао, Западна Африка како споделуваат ферментирано овошје што содржи алкохол. Веројатно, не во количини за да се опијат, но доволно за да бидат поднапиени.

„Кај луѓето, знаеме дека консумирањето алкохол доведува до ослободување на допамин и ендорфин, што резултира со чувство на среќа и релаксација“, рекла Ана Буланд од Центарот за екологија и конзервација на Универзитетот во Ексетер.

„Ние исто така знаеме дека споделувањето алкохол, вклучително и преку традициите како што се гозбите, што помага во зајакнувањето на социјалните врски. Сега знаеме и дека дивите шимпанза, исто така, јадат и споделуваат ферментирано овошје. Прашањето е: Дали имаат слични придобивки?“, додала Буланд.

Користејќи камери активирани со движење, тие снимиле шимпанза како споделуваат големи парчиња ферментирано овошје во најмалку 10 наврати. Овошјето што го делеле подоцна било тестирано за содржина на алкохол. Највисокото ниво во едно овошје било 0,61 отсто алкохол по волумен.

„Шимпанзата не ја делат храната постојано, така што однесувањето со ферментираното овошје може да биде важно“, рекла Кимберли Хокингс од Универзитетот во Ексетер.

И покрај фактот дека нивото на алкохол не било високо, шимпанзата јаделе многу овошје секој ден, па внесувале пристојна количина на алкохол. Секој ден можат да јадат по неколку килограми овошје, што би можело да се спореди со нас кога пиеме едно пиво.

Инаку, во 2015 година, Хокингс и нејзините колеги објавија студија во која забележаа како шимпанзата крадат и консумираат алкохол од сокот од палми, кој го направиле луѓето. Некои од нив дури и покажале проблематично однесување поради тоа.

Меѓутоа, во новата студија, истражувачите известуваат дека шимпанзата не се опијаниле. Она што е исто така интересно е тоа што плодот се дели со други шимпанза без разлика на пол или возраст.

Студијата насловена како „Дивите шимпанза споделуваат ферментирани плодови“ е објавена во списанието „Кјрент бајолоџи“ (Current Biology).

Слични содржини