Вирусот во Кина: Потврдена и четвртата жртва, потврдено пренесувањето од човек на човек

од Nikola Popovski

Четврто лице во Кина почина од новиот коронавирус кој брзо се шири, а властите потврдија дека може да се пренесе од човек на човек.

89-годишен маж е последната жртва на вирусот, што предизвикува еден вид пневмонија. Тој живеел во Вухан, градот каде што избувна епидемијата.

Досега се пријавени повеќе од 200 случаи во поголемите градови во Кина, вклучувајќи ги и Пекинг и Шангај.

Националната здравствена комисија на Кина во понеделникот потврди дека два случаи на зараза во кинеската провинција Гуандунг се резултат на пренесување од човек на човек.

Во посебна изјава, Комисијата за здравство на општината Вухан соопшти дека најмалку 15 здравствени работници во градот биле исто така заразени со вирус и едно лице е во критична состојба. Сите  тие се ставени во карантин додека трае третманот.

Каде се прошири вирусот?

Вирусот за прв пат е регистриран кон крајот на минатата година во Вухан, град во централна Кина со население од 11 милиони.

Во моментов има 218 потврдени случаи на вирус во Кина, според Светската здравствена организација (СЗО).

Повеќе случаи се забележани и во други земји – два во Тајланд, една во Јапонија и друга во Јужна Кореја, односно сите заразени лица неодамна се вратиле од Вухан.

Аеродромите во Сингапур, Хонг Конг и Токио, Јапонија воведоа проверки на патниците од Вухан.

Американските власти најавија слични мерки на аеродромите во Сан Франциско, Лос Анџелес и Њујорк минатата недела.

Властите во Австралија исто така објавија дека ќе започнат скрининг за патниците кои пристигнуваат од Вухан до Сиднеј.

Кина е најголемата туристичка дестинација во Австралија, со повеќе од милион луѓе кои доаѓаат минатата година.

Слични содржини