Висока инфлација во Америка: Граѓаните мора да изберат меѓу храна и лекови

од Stefanija Kuzmanovska

Високата инфлација принуди многу Американци да ги ограничат своите дневни трошоци за да ги покријат трошоците за здравствена заштита, пишува The Hill, цитирајќи ново истражување на Gallup и West Health.

Во јуни, стапката на инфлација во САД достигна највисоко ниво во последните 40 години од 9,1%, додека инфлацијата во здравството беше 4,5%.

Според публикацијата, 38 отсто од испитаниците (околу 98 милиони Американци) рекле дека го намалиле возењето, сметките за комунални услуги и храната во изминатите шест месеци, а исто така ги откажале закажаните прегледи за да не плаќаат медицински сметки.

Освен тоа, признале дека позајмиле пари за да ги покријат трошоците за здравствена заштита.

Други 26% од испитаниците изјавиле дека поради високите трошоци се обиделе да не бараат лекарска помош и одбиле лекови на рецепт.

Семејствата со пониски приходи кои заработуваат помалку од 48.000 долари годишно имале поголема веројатност да направат финансиски компромиси, додека 19% од семејствата со годишен со приходи од 180.000 долари или повеќе, исто така, пријавија кратења на трошоците.

Во исто време, жените помлади од 50 години обично имаат поголема веројатност да ги намалат трошоците за здравствени услуги и лекови отколку мажите.

Речиси 40% од учесниците во истражувањето рекле дека се загрижени или крајно загрижени за плаќањето на медицинските услуги во следните шест месеци.

Меѓутоа, на прашањето кои трошоци мислат дека ќе се зголемат во следните шест месеци, само 3% ги навеле трошоците за здравствена заштита, додека 43% ги навеле цените на бензините.

Покрај тоа, мнозинството од испитаниците, без разлика на расата, полот, приходот или политичката припадност, имаат мала доверба дека властите ќе успеат да го забават растот на цената на медицинските услуги, пишува The Hill.

Слични содржини