Високите суми за струја ги „изненадија“ граѓаните: „ЕВН е должна да ги корегира фактурите доколку не биле правилно отчитани“

од Берта Китинска

На социјалните мрежи не стивнуваат реакциите од високите суми за електрична енергија па се споделуваат фотографии од сметки и од струјомери, за кои граѓаните обвинуваат дека бројките за потрошени киловати, не соодвествуваат со бројките на сметките.

Од ЕВН во разговор со „Локално“ објаснуваат дека секој киловат час потрошена електрична енергија од 1 јануари се пресметува по новата цена и дека во најголемиот дел од пријавите кои пристигнале до компанијата се работи за точно потрошени киловат часови колку што е во сметката.

-Сметките за електрична енергија во зимскиот период вообичаено се повисоки од другите месеци, со оглед на тоа што, за жал, повеќето граѓани немаат друга опција за греење. Дополнително во Скопскиот регион регистрирана е зголемена потрошувачка на електрична енергија поради догревање во деловите кои се снабдуваат со топлинска енергија, а според корисниците имаат одреден проблем во снабдувањето. Како што е познато, и цената е зголемена од 1 јануари, па сите киловати потрошени од почетокот на годината се пресметуваат по новата цена која следеше по значително повисоките цени по која ЕВН ја набавува електричната енергија, објаснуваат од компанијата.

Оттаму посочуваат дека иако според „Закон за енергетика“, „Мрежни правила и Правила за снабдување“ отчитувањето на броилата се извршува еднаш годишно, екипите на Електродистрибуција тоа го прават секој месец.

-Како компанија сме тука за сите отворени прашања кои корисниците ги имаат, вклучувајќи ги и сметките. Во некои од прашањата на корисниците, се утврди дека во најголемиот дел се работи за точно потрошени киловат часови колку што е во сметката, а во некои случаи стануваше збор за проценета вредност поради непрочитано броило или порамнување од претходно непрочитан период. И покрај тоа што со „Закон за енергетика“, „Мрежни правила и Правила за снабдување“ е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува еднаш годишно, екипите на Електродистрибуција тоа го прават секој месец. Но, се случува броилото да не се отчитува поради различни причини: корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, непристапност до мерното место поради тешките временски услови, боледувања, изолации поради корона вирусот итн, велат од ЕВН.

Оттаму додаваат дека повисоката сметка од очекуваната може да се должи и на веќе направено порамнување по прочитана состојба, за која претходниот месец била испорачана претпоставена вредност пониска од тоа што било потрошено.

-Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка од реалната во тој месец. Исто така, повисока сметка од очекуваната може да се должи и на веќе направено порамнување по прочитана состојба, за која претходниот месец била испорачана претпоставена вредност пониска од тоа што било потрошено. Доколку се случи да не е прочитано броилото, за што се фактурира претпоставена вредност како просек од потрошувачката во последните 12 месеци, корисникот може да пријави состојби преку веб страната evnonline.mk, преку маил, телефонски и во приемните канцеларии на Корисничките енерго центри на Електродистрибуција при што нашите служби ќе ги направат соодветните корекции. ЕВН нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено, подвлекуваат од компанијата.

Во однос на начинот на плаќање, од ЕВН посочуваат дека нудат поволности на потрошувачите за олеснување на плаќањето на заостанати долгови по пат на рати, за што треба да се склучи договор потпишан од двете страни.

Од Регулаторната комисија за енергетика објаснуваат дека граѓаните може да поднесат приговор до регулаторите доколку ЕВН не изврши корегирање на сметката во согласност со податоците за состојбата на броилата отчитани од корисниците.

-Доколку потрошувачите сметаат дека добиле сметки за електрична енергија којашто не ја потрошиле, тогаш тие можат сами да ја отчитаат состојбата на броилата и податоците да ги достават до ЕВН Хоум, при што компанијата е должна да ги корегира фактурите за електрична енергија, доколку не биле правилно отчитани од операторот на електродистрибутивниот систем. ЕВН Хоум треба да издаде нова фактура што е во согласност со реалната потрошувачка на електрична енергија. Доколку ЕВН Хоум не изврши корегирање на сметката во согласност со податоците за состојбата на броилата отчитани од корисниците, потрошувачите можат да достават приговор до Регулаторната комисија за енергетика, велат од РКЕ за „Локално“.

Цената на електричната енергија за домаќинствата од почетокот на Новата годиан се зголеми за 9,48 проценти, при што беше донесена одлука да се укине дневната евтина тарифа.

Евтината тарифа во текот на ноќта и во недела остануваат, а според образложението на Регулаторната комисија за енергетика доколку не се укинеше дневната евтина тарифа од 14-16 часот, цената на струјата ќе требаше да се зголеми за 14,23 отсто.

Б.М.

Слични содржини