Вистинскиот број на смртни случаи од коронавирус во Шпанија е 60 проценти поголем

од Vladimir Zorba

Вистинскиот број на луѓе кои починале од КОВИД-19 во Шпанија може да биде скоро 60 проценти поголем од официјалните 28.432, според студијата објавена од „Ел Паис“.

Во Шпанија, официјалниот број на смртни случаи од КОВИД-19 ги вклучува само оние пациенти кај кои болеста формално беше потврдена со тестирање, но не и оние случаи за кои постои сомнение дека биле заразени со корона, но кои никогаш не биле тестирани. Малиот обем на тестови извршени за коронавирус, особено по избувнување на пандемијата, значи дека официјалните бројки може да бидат помалку од реалните податоци, како и во многу други земји.

Земајќи ја предвид статистиката по регион за сите случаи за кои постои сомневање или потврдено дека починале од коронавирус, „Ел Паис“ дошла до бројка од 44.868, што може да претставува реален број на луѓе кои починале од ефектите на КОВИД-19. Доколку се покажат како точни овие податоци, тоа би значело дека Шпанија би можела да биде на второто место во однос на бројот на загинати од короната во Европа, зад Велика Британија.

Бројките презентирани од „Ел Паис“ приближно се совпаѓаат со податоците на Националниот епидемиолошки центар и Националниот центар за статистика, кој открива зголемување на стапката на смртност со споредување на бројот на смртни случаи низ целата земја со просекот.

Шпанското Министерство за здравство не беше веднаш достапно за коментар во врска со овие податоци, пренесе Ројтерс.

Слични содржини