Вицепремиерот Османи оствари видео-конференција со билатералните донатори

од Берта Китинска

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во улога на Национален координатор за распределба на странска помош во земјава оствари видео-конференција со билатералните донатори.

Пред учесниците на денешната видео-конференција вицепремиерот Османи реферирал за последните актуелности поврзани со КОВИД 19, како и за мерките и активностите на Владата за справувањето со оваа глобална пандемија.

– Дозволете на почеток, во името на Владата, да изразам огромна благодарност за досегашната помош која пристигнува постојано од сите страни на светот. Тоа покажува дека и покрај силниот интензитет на кризата, тоа не го менува долгорочниот пријателски однос и досегашната успешна соработка. Искрено верувам дека овие активности и успешните меѓусебни односи ќе продолжат и во иднина, со што не само што полесно ќе се надмине кризата, туку со заедничките напори, соработката и заемната поддршка ќе излеземе посилни од неа, истакнал Османи, соопштија денеска од Секретаријатот за европски прашања.

За време на Донаторската конференција Османи ги претставил приоритетите и потребите на земјава во борбата со епидемијата КОВИД 19, како и за справување со предизвиците кои произлегуваат од оваа криза.

Во таа насока, вицепремиерот Османи ги претставил и анализите и прогнозите на Владата за социо-економските последици што се очекуваат, како и можностите за донаторите преку поддршка и билатерална соработка да ѝ помогнат на земјата во справувањето и со овие предизвици.

Слични содржини