Вкупно 518 компании од прехранбена индустрија, училишта и институции од витално значење, од први декември ќе имаат поевтина струја

од Nikola Popovski

Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски информираа за реализацијата на одлуката за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија, основните и средни јавни училишта и претпријатијата од областа на водостопанството.

Според податоците од ЕСМ, за помалку од еден месец за субвенционирано снабдување со струја се пријавиле 233 основни и средни јавни училишта, 50 јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици и од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти.

-Одлуките кои ги донесовме се поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат производи – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.

Крајното влијание од оваа мерка ќе е стабилизирање и намалувањето на цените на финалните производи со кое веќе и се намалуваат во дел од индустриите.

Со одлуката беа опфатени и на основните и на средните училишта. За да имаат непречено и сигурно снабдување со електрична енергија, основните и средни јавни училишта овозможивме да склучат договор за снабдување со „ЕСМ Продажба“, по цена од 95 евра по мегават/час.

Можност за снабдување со електрична енергија од ЕСМ обезбедивме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици. Ова се направи со цел да обезбедиме непречено функционирање на овие витални функции во локалните самоуправи и цената за оваа намена ќе е 95 евра по мегават/час, рече меѓу другото премиерот Димитар Ковачевски.

Тој информира дека од 474 јавни основни и средни училишта во државата, за субвенционирано снабдување се пријавиле 233, од сите градови.

-Од 70 јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици се пријавиле 50 субјекти. Од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти.

Ние досега на повеќе пати покажавме дека со тој одговорен пристап изминатиов период успеавме да ги вратиме парите назад кај граѓаните кога е тоа најмногу потребно. Со тој одговорен пристап ние успеавме да обезбедиме два пакети антикризни мерки за заштита на најранливите граѓани и поддршка на ликвидноста на компаниите во вредност од над 760 милиони евра. Токму затоа можевме да обезбедиме и ликвидност на компаниите со што ги заштитивме работните места, а и континуирано да обезбедуваме до 80% субвенционирана струја, како и евтина струја за да има непречено функционирање на виталните функции на државата. Токму затоа, можевме да ги донесеме и овие одлуки за кои денес тука разговараме, истакна премиерот.

Слични содржини