Влада: Нема никакви тајни преговори, македонските позиции се јасно декларирани и со тоа се запознаени и ВМРО-ДПМНЕ

од Берта Китинска

„Секој ден нов антидржавен потег на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се неточните и неодговорни изјави со кои свесно ги поткопуваат дипломатските процеси кои се во насока на откочување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија што би требало да е заеднички интерес“, велат во изјава за „Локално“ од Влада во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека се водат тајни преговори со Бугарија.

Оттаму објаснуваат дека македонските позиции во преговорите се јасно деклариранидека со нив се сите запознаени.

„Нема никакви тајни преговори, македонските позиции се јасно и гласно декларирани и со тоа се запознаени и ВМРО-ДПМНЕ и домашната јавност и пошироката меѓународната заедница.Во сите комуникации на членовите на Владата во секоја прилика се потенцира дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет никогаш не биле и никогаш нема да дозволиме да бидат на масата за преговори со било која страна.Очекуваме во важни периоди за државата максимална одговорност од сите чинители, а не популизам со манипулации за ситно партиски интереси“, информираат од Влада.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку  Фејсбук соопшти дека има алармантни информации повикуваќи се од дипломатски извори за новото предавство кое го подготвуваат дуото Заев-Бучковски

-Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскоит јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија, напиша Мицкоски.

Б.М.

Слични содржини