Влада: Вработените во градинките ќе добијат повисоки плати за 15%

од Nikola Popovski

Пред министрите, денеска се најде и Информацијата за работата на Интер-ресорската консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите за 2021 година, предложена од Министерството за труд и социјална политика.

Интер-ресорска консултативна и советодавна група (ИРГ) за еднакви можности на жените и мажите е составена од функционери/раководни државни службеници, претставници на граѓански организации, здруженија на работодавци, експерти, претставници на локалната самоуправа, синдикатите и други субјекти.

Групата се грижи за промоција на концептот за  вклучување на родовите аспекти во генералните политики на сите јавни институции; ја следи интеграцијата на концептот во секторските политики  во соработка со социјалните партнери и институциите од поединечните области; го следи прогресот на хармонизација на националното законодавство со законодавството на Европската Унија  и европските стандарди од областа на родовите прашања; учествува во подготовката и дава насоки во процесот на подготовка на Стратегијата за родова еднаквост; ги следи периодичните извештаи од институциите.

Во текот на 2021 година, членовите на ИРГ имаа активности во врска со разгледувања на сите стратешки документи, кои се однесуваат на оваа тематика, придонесувајќи за унапредување на родовата еднаквост.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата го разгледа и усвои Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на децата, по што е испратен во Собранието за донесување по скратена постапка.

Со Законот за заштита на децата се регулирани категориите и нивоата на даватели на јавни услуги во јавните установи за деца, како и нивните плати и надоместоци на плати.

Со измените на Законот за заштита на децата се врши усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, со кој се утврди зголемување на минималната плата.

Со Законот се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика.

Со цел системско решавање на прашањето на минималната плата, со законот се утврдува, висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57% од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година.

Со новите измени и дополнувања на Законот за заштита на децата, кој е испратен во Собранието за донесување по скратена постапка, се усогласува со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија на начин што на давателите на јавна услуга во установите за деца – детски градинки им се овозможува понатамошен раст на платите со растот на законски утврдената минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на давателите на услуги од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел.

Со овој Предлог – закон се врши и дополнително зголемување на платите на сите даватели на услуги во установите за деца-детски градинки за 15%.

Слични содржини