Влада: Затоплувањето на училиштата е во надлежност на локалните самоуправи

од Nikola Popovski

Одговарајќи на прашања од медиумите, по однос на барањата на некои општини да се продолжи зимскиот распуст на учениците заради штедење на струја и огрев, како и да се субвенционираат трошоците за огрев од Владата, владините портпароли денеска соопштија дека Владата не разговарала за ова на последната седница.

Притоа беше повторено дека Владата останува посветена во насока на надминување на предизвиците условени од енергетската криза и е во постојана комуникација со сите засегнати страни.

„Сакаме да информираме дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта. Затоплувањето на училиштата е во надлежност на локалните самоуправи кои се должни да си ги обезбедат потребните суровини за огрев за што Министерството за образование и наука им префрла блок дотации. Важно е да се каже дека тие се одговорни и секако, во интерес на учениците е наставата да се одвива со физичко присуство“, беше истакнато на денешната редовна прес-конференција, по вчерашното одржување на 83-та седница на Владата.

Учебната година оваа зима да продолжи онлајн или учениците да имаат зимски распуст од два месеци поради енергетската криза, вака гласи предлогот на градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари после денешната седница на Советот за развој на Полошкиот Плански Регион. Деветте општини од овој регион официјално поднесоа вакво барање до Министерството за образование и Заедницата на единиците на локалната самоуправа.

На прашањето дали поради енергетската криза може да се прифати предлогот – зимскиот распуст да биде во период декември-јануари, односно два месеци, а летниот распуст да трае околу месец и половина, од министерството за образование посочуваат дека ја следи состојбата појаснувајќи дека „во меѓувреме ќе се разгледуваат сите пристигнати иницијативи“.

-Ставот на Министерството за образование и наука е дека училиштата треба да бидат постојано отворени за време на учебната година и наставата да се организира со физичко присуство, бидејќи тоа е од најдобар интерес на учениците, а воедно и предвидено во календарите за организирање на работата на основните и средните училишта во учебната 2022-2023 година. Сепак, МОН ќе ја следи состојбата и во меѓувреме ќе се разгледуваат сите пристигнати иницијативи и за било какви нови одлуки, јавноста навремено ќе биде известена. Во овој момент и за општините и за училиштата под нивна надлежност, важат препораките и мерките за штедење на електрична енергија кои неодамна ги објави Владата на Република Северна Македонија, пред неколку дена изјавија од МОН за „Локално“.

Слични содржини