Владата без одговор за најавата на Рама дека ќе бара одвојување на Албанија од С.Македонија на патот кон ЕУ

од Берта Китинска

Албанскиот премиер Еди Рама не очекува да биде дадено „зелено светло“ за почеток на преговорите меѓу Албанија и Република Северна Македонија на самитот на ЕУ следната недела.

Од Владата немаат конкретен одговор за највата на албанскиот премиер, дека доколку нема одлука на европските лидери, тој ќе бара одвојување на Албанија од Република Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ.

Оттаму посочуваат дека Северна Македонија има направено сѐ за отпочнување на првата меѓувладина конференција.

-Веќе 45 проценти од нашето законодавство е усогласено со законодавството на Европската Унија, што е во одредени поглавја повеќе и од држави кои што над 10 години преговараат со ЕУ. Така што одлуката зависи од тоа дали 27 земји членки ќе се усогласат и ќе одобрат отпочнување на првата меѓувладина конференција. Пред сѐ зависи од една земја членка којашто држи заложници две други држави и затоа не треба да се врзуваме за датуми, велат од Влада за „Локално“.

Тие сметаат дека наредниот период треба да се искористи за да се изнајде решение прифатливо за македонската и бугарската страна, додвајќи дека тоа решение ќе треба да биде засновано на европски вредности „зачувувајќи го достоинството на граѓаните во двете држави“.

За тоа дали е можно решение по евентуалното ново вето и дали се зборува за промена на владиниот пристап во преговорите со Бугарија, оттаму посочуваат дека земјата ќе остане фокусирана на реформите.

-Независно од исходот на претстојниот самит, Владата останува фокусирана на реформите, на натамошно зголемување на стандардот на граѓаните, на економскиот раст и имплементација на европските стандарди, велат од Влада.

Рама во интервју за „Политико“ изјави дека бугарската политика на блокирање на Скопје влезе во спирала од која нема излез.

-Немам никакви очекувања. Мислам дека ништо нема да се случи. Албанија и Северна Македонија формално нема да ги отпочнат пристапните преговори, вели Рама.

На прашањето дали некои лидери на ЕУ сигнализирале дека преговорите би можеле да започнат наскоро, Рама одговара:

-Какви сигнали можат да дадат? Не станува збор за нив. Повторно во прашање е Бугарија. Сите се согласуваат, сите поддржуваат, сите мислат дека ова (почетокот на преговорите) треба да се случи, а и веќе требаше да се случи. Но, нивниот простор за маневар е ограничен од Бугарија“.

Албанскиот премиер во интервјуто посочува оти не очекува бугарските лидери да ја променат својата позиција бидејќи тие го претвориле спорот со Скопје во толку големо прашање што сега е многу тешко да се повлечат.

-Тоа е спирала. Влегоа во спирала. И од таа спирала е многу, многу тешко да се излезе, вели Рама.

Слични содржини