Владата гарантира дека ќе има безбеден попис, за ВМРО-ДПМНЕ тоа значи над 2000 смртни случаи

од Nikola Popovski

Според денешното соопштение на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, владеачката СДСМ го жртвува здравјето на народо, а попис во април ќе значи нови над 2.000 смртни случаи.

„Заев не успеа да набави вакцини, не се имунизирани ни лекарите во целост, а не пак попишувачите.
Попис без завршена имунизација е кобен за граѓаните. Во пописот ќе учествуваат 5.500 попишувачи, ако ги следиме статистиките, еден заболен пред да биде откриен го пренесува вирусот на нови 9 лица, доаѓаме до бројка од 49.500 лица на кои ќе биде пренесен вирусот. И во Македонија смртноста е меѓу највисоките или е 4,9 проценти, што значи дека попис во април ќе значи 2.400 мртви од КОВИД-19 и ќе значи колапс на здравствениот систем затоа што педесттина илјади луѓе ќе заболат. Наспроти хаосот кон кој ја носи СДСМ државата, ВМРО-ДПМНЕ предлага попис на есен, кога би се спровела имунизација и ќе се заштитат животите на луѓето. Попис по секоја цена е смрт за народот“, реагираат од партијата.

По префрлањето на топката меѓу Комисијата за заразни болести и Државниот завод за статистика кој е надлежен да каже дали пописот може да се реализира или не, вчера од Владата категотични: попис ќе има, а сите мерки за негово безбедно спроведување се обезбездени. Тврдат дека граѓаните и попишувачите ќе бидат заштитени, а строгите протоколи биле гаранција дека нема потреба од негово одлагање.

„Гаранција дека нема да има потреба од одлагање на претстојниот Попис на население, домаќинства и станови е строгиот протокол, кој што се запазува, како и соодветната обука на попишувачите и пописните тимови. Целиот фокус на Владата е во таа насока“, изјави портпаролот на Владата, Душко Арсовски. Сите одлуки, посочи, Владата ги донесува врз основа на став на Комисијата за заразни болести, кој се разгледува на главниот Координативен кризен штаб, од каде што заклучоците одат на седница на Влада.

„Повеќе од 82 000 наши државјани од дијаспората ја искористија можноста да се самопопишат со што придонесуваат во креирањето поквалитетни политики за подобра иднина на татковината“, објави на својот фејсбук-профил премиерот Зоран Заев.  

Ги повикувам сите од нашата дијаспора, од сите краеви на светот, да се приклучат кон овој патриотски чин и да помогнат да добиеме јасна слика за нашите луѓе во странство. Mакедонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите други без разлика на етникумот, сите кои имате македонско државјанство, попишете се!“, напиша Заев на Фејсбук. 

Слични содржини