Владата ги доби контактите од Mицкоски, предлозите ќе бидат разгледани

од Берта Китинска

На средбата влегов загрижен, а излегов уште позагрижен, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по двочасовните разговори на тема енергетика со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.

ВМРО – ДПМНЕ ги достави контактите од компаниите преки кои може да се набави и да се испорача гас и мазут во државата а Владата ќе стапи во контак со нив, ќе ги разгледа понудите и доколку е прифатливо ќе постигне договор.

Мицкоски појасни дека неговата партија предложила измени на Законот за енергетика со кои сите јавни претпријатија, не само општинските, за комуналии и водостопанство, од слободен пазар да се префрлат на регулиран според тарифа на компании кои се на регулиран пазар. На прашањето на новинарите пак како ќе донесат гас во земјава, Мицкоски рече дека немаат намера да бидат трговци. Тој истакна дека позицијата не им е Газпром, ама тоје директниот извор за да дојде гас во Македонија, оти без да ја крене Гаспром рампата во Жидилово, гас во земјава нема да има.

„Поразот на сите влади е што сме дозволиле да имаме само еден влез на гас и дали ќе имаме гас или ќе немаме да зависи од некое трето лице. Гаспром е тој што ќе одлучи дали ќе се крене рампата. Позицијата со која јас разговарав обезбедува гаранција дека тоа ќе се случи“, истакна Мицкоски.

Премиерот Ковачевски ја оцени средбата како конструктивна и соопшти дека го информирал Мицкоски за кондицијата на капацитетите за производство на електрична енергија и чекорите кои се превземаат за набавка на енергенси. Тој најави дека министерот Бектеши ќе стапи во контакт со компаниите кои што ќе ги достави Мицкоски и ќе ги разгледа нивните понуди.

Од Мицкоски побара конструктивност во Собранието за да може да се изгласаат низа закони со кои ќе може да се менаџира кризата во претстојниот период.

„ Разговаравме за значењето и за потребата што побрзо да бидат одобрени во комисијата за финансирање и буџет и другите соодветни комисии во собранието како и на пленарните седници законите кои што веќе се поднесени,Законот за задолжување во Европската банка за обнова и развој од 100 милиони евра кое што обезбедува ликвидни средства по исклучително поволна каматна стапка за работењето на ЕСМ во услови на криза. Потоа Законот за енергетика и неговите соодветни измени и Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за распределба на финансиски средства, односно кратење на финансиски средства во деловите на Буџетот коишто се со помал процент на исполнетост, кратење на одредени средства од буџетот коишто ги сметаме за не толку неопходни во услови на криза и префрлање на тие финансиски средства, односно прераспределба на ставки коишто се однесуваат на справување со енергетската криза“, рече Ковачевски.

Слични содржини