Владата ги донесе протоколите за работа: Неделава се отвораат казината

од Берта Китинска

Владата на вчерашната седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за враќање во нормала на организираниот превоз на патници од и во подрачјето на општина Тетово. Донесени се и Протоколот за отворање и работа на приредувачите на игри на среќа во автомат клубовите и во казината и Протоколот за постапување на средните училишта за полагање на квалификацискиот испит.

На владината седница донесени се и измените на Уредбата за примена на Законот за акцизи со кои се изедначува акцизата на маслото за греење со акцизата на маслото што се користи како погонско. Со ова, велат од Владата, ќе се оневозможи злоупотребата на користењето на гасното масло за греење спротивно на неговата намена, ќе се сузбие сивата економија и ќе се заштити животната средина.

Донесени се и измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието со дополнителен член 5-а со кој се утврдува дека доколку не се исполнети просторните услови на просторијата во која е сместено гласачкото место или просторијата каде што треба да се спроведува гласањето, Државната изборна комисија може да определи друг соодветен простор што ги исполнува условите за спроведување на гласањето.

Со измените на оваа Уредба, се регулираат и правилата за платено политичко рекламирање за политичките партии, како и правилата за обврската на медиумите за бесплатно да ги емитуваат информативните и едукативните кампањи на Државната изборна комисија, кои се определуваат во траење од 30 секунди на секој час.

Измените и дополнувањата на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите ги утврдува и правилата за распределбата на рекламниот простор на интернет порталите и во печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање, како и начинот и правилата за распределбата на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија согласно член 76-д од Изборниот законик.
Дел од владината седница се и измените со кои се продолжува мерката за ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на личен доход и данокот на добивка за јуни и јули во насока на ублажување на последиците на компаниите кои претрпеле штети во работењето поради ширењето на коронавирусот КОВИД-19.

Донесени се и измени на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека завршил временскиот период во кој операторите беа должни да ја обезбедат потребната документација за пререгистрација на програмските сервиси кои ги реемитуваат, и дека треба да ја исполнат обврската да ја достават соодветно пропишаната документација до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која треба да ја прибават од странски радиодифузери. Дополнително, а заради обезбедување на соодветни услови за информирање на јавноста во овој период на прогласена пандемија, со оваа Уредба е определена обврска за задолжително реемитување на програмските сервиси кои се веќе пријавени кај надлежниот регулатор од страна на операторите.

Владата донесе и измени на Уредбата со законска сила за примена на Законот за странци за време на вонредна состојба со цел да се овозможи важноста на дозволата за привремен престој и дозволата за постојан престој да се продолжи и за оние дозволи чиј рок на важење истекува по вонредната состојба. Со Уредбата се овозможува оваа категорија на странци да остварат легален влез во државата и да пристапат кон постапка за продолжување на престојот, за сите видови основи за престој за кои овие постапки се водат преку подрачните единици за странци на Министерството за внатрешни работи. Воедно, со прецизирање на периодот во кој наведените документи можат да истечат, ќе се оневозможат евентуални злоупотреби од страна на лица на кои дозволите за престој им истекле пред воведување на вонредната состојба.

Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за електронски комуникации во делот на финансирање на ОТА, за време на вонредна состојба, а со цел обезбедување на континуитет на работењето на Агенцијата во текот на 2020 година, односно за непречено извршување на дејноста на Оперативно-техничката агенција, како и спроведување на надлежностите на Агенцијата за електронски комуникации утврдени во закон. Со донесување на оваа Уредбата со законска сила на начин како што е предложена, се овозможува Агенцијата за електронски комуникации да ги оствари своите обврски согласно Законот за електронски комуникации во делот на финансирање на ОТА, а на Оперативно-техничката агенција ѝ се овозможува непречено извршување на надлежностите.

На оваа 71-ва седница е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за културата за време на вонредна состојба со цел рокот за донесувањето на нацрт – годишните програми за работа на националните установи од областа на култура за 2021 година наместо до крајот на јуни да биде пролонгиран до 1 август 2020 година.

На оваа седница на предлог на Министерството за локална самоуправа е донесено дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за локална самоуправа за време на вонредна состојба со цел да им се даде можност на членовите на советите на општините и советот на Градот Скопје за одржување на седници со употреба на комуникациски средства и по престанокот на траењето на вонредната состојба, а во услови и време кога препораките на Владата на Република Северна Македонија за заштита и превенција од КОВИД-19, се сѐ уште во сила.
Владата ја измени и дополни Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба со која правните и физички лица во објектите за трговија на мало се должни да обезбедат посебно обележани рафтови, гондоли и слично, со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кои ќе бидат изложени македонски производи за продажба на лицата корисници на финансиската поддршка од оваа уредба со законска сила, или да ги означат со видна ознака/етикета/налепница „КУПУВАМ ДОМАШНО” заради нивно лесно препознавање.

Согласно Уредбата, за прометот на македонски производи и услуги, правните и физички лица издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.

Уредбата ги задолжува правните и физички лица вршители на стопанска дејност што вршат оn-line продажба преку интернет страници посебно да ги издвојат македонските производи и услуги и да ги означат со видна ознака/стикер „КУПУВАМ ДОМАШНО”, како и да постават известување на видно место на насловната страна на интернет страницата, како и на страната за плаќање, со кое ги известуваат купувачите дека со домашната платежна картичка може да плаќаат само македонски производи и услуги кои се означени со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО”.
Владата на оваа 71-ва седница, одржана на 22 јуни, ја разгледа и усвои информацијата и даде согласност на измените на Правилникот за висината на надоместокот за извршените работи на Државниот инспекторат за земјоделство, со кои се олеснуваат условите за упис во регистарот на производители на вино на физички лица и мали винарски визби, и ја намали за висината за надоместокот од 10.000 денари на 1.500 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно и 5.000 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино над 30.000 литри.

Според информацијата, ова намалување на надоместокот нема да ги намали приходите во Буџетот на Државниот инспекторат за земјоделство, туку напротив, ќе ги зголеми заради интересот на околу 100 физички лица и мали винарии да се регистрираат во регистарот на производители на вино.

Слични содржини