Владата и МОН согласни: Реформата во образованието ќе се гради врз јавна дебата и критички мислења

Владата уште еднаш потврди дека е согласна со Министерството за образование и наука и дека реформата во образованието, исклучиво ќе се носи низ јавен, аргументиран и критички отворен процес.

Ова е логичен потег, со оглед на основата на оваа реформа која се темели токму на критичкото мислење, разбирањето, прифаќањето на различни разбирања, како и нудење на аргументирани решенија.

Вака гласеше заклучокот по денешната презентација на основите на образовната реформа пред претседателот на Владата на Зоран Заев и пред членови на кабинетот на премиерот што ја направија министерката за образование и наука Мила Царовска и членовите на Работната група за реформи во основното образование.

Како што информираат од прес службата на Владата, премиерот, Зоран Заев на оваа средба посочи дека МОН и Работната група, остануваат на ставот да ги поттикнат сите заинтересирани да се вклучат во јавната дебата, да бидат присутни со свои предлози.

Исто така, премиерот изрази поддршка за неопходноста од реформи на образовните програми, осврнувајќи се на потребата од современо и квалитетно образование како предуслов за економски напредок и за општествена трансформација базирана на вредности.

Презентацијата се фокусираше на фактите кои говорат за неопходноста од образовни реформи без одлагање како што се ниските оценки за нашето образование на меѓународните тестирања на учениците, наодите и мислењата на меѓународните и домашни институции за образовните програми, како и мислењето на родителите и на наставниците и пред сѐ мислењата на учениците.

Од анализите кои се користени утврдено е дека е потребно образование кое учениците го доживуваат како корисно и интересно, а не напорно и досадно, образование кое ги учи децата да учат преку разбирање и сопствено критичко мислење, а не „на памет”

На овој состанок беше нагласено дека веќе се стигнати квалитетни предлози кои Работната комисија ги зема предвид и дел од нив ќе бидат прифатени.

Со цел активно и сеопфатно вклучување во јавната расправа, Владата ќе иницира до Собранието да организира јавна консултација на која ќе учествуваат сите засегнати страни и на која ќе се презентираат различни и спротивставени аргументи за да се стигне до најдобри решенија.

За време на дискусијата за потребата од образовни реформи беше истакнато дека инспирација треба да биде една од мислите на истакнатиот македонски револуционер Гоце Делчев кој рекол дека „Револуцијата на народот е во умот и срцето” која тој ја имал за водилка и за време на неговата учителска дејност.

Слични содржини