Владата на Црна Гора го усвои Договорот со СПЦ

од Nikola Popovski

По четиричасовна дискусија, Владата на Црна Гора го усвои нацрт-договорот со СПЦ. „За“ гласаа 13 министри, а петмина беа воздржани. Некои министри оспоруваа со премиерот Дритан Абазовиќ дали гласањето е валидно.

За усвојување на овој документ потребно е квалификувано мнозинство, односно најмалку 14 гласа. Откако министрите од СДП посочија дека нема квалификувано мнозинство, премиерот Абазовиќ најави дека договорот ќе се гласа на некоја од следните владини седници или по електронски пат.

„Оваа точка ја усвоивме, во однос на квалификуваното мнозинство, немам проблем да го повторам истото ниту на електронската, ниту на редовната седница“, рече Абазовиќ.

Министерот Ранко Кривокапиќ рече дека нема квалификувано мнозинство. Тој посочи дека во овој случај квалификуваното мнозинство е 14 гласа, а не 13.

Во Црна Гора, при формирањето малцинска влада пред приближно два месеци, беше постигнат договор сите прашања од витален државен и национален интерес да бидат носени со квалификувано мнозинство од сите членови на владата. Ова се наведува во финалната верзија на Договорот за парламентарна поддршка и политички приоритети на 43-та Влада на Црна Гора, за кој се договорија коалициските партнери во идната извршна власт – Граѓанското движење УРА, Социјалистичката народна партија (СНП), Социјалдемократската партија (СДП), ЦИВИС и партиите на малцинските народи.

Премиерот Абазовиќ сакаше да се бројат гласовите на присутните за да се преброи квалификуваното мнозинство од присутните. На тоа министерот за надворешни работи Ранко Кривокапиќ рече дека нема квалификувано мнозинство од присутните, туку квалификувано мнозинство од сите.

„Не можете да барате од некој да биде супермен ако не е. Тоа што мислите дека некое прашање може да го утврди владата како крајна работа, никаде не не носи. Ја преземам одговорноста како премиер. Не дојдов овде да бидам ничија икебана ниту да бидам уценуван од дел од луѓе против кои политички и правно се борам. Немам ништо против дали ова ќе значи намалување на поддршката за парламентот“, рече Абазовиќ.

Со Темелниот договор на СПЦ во Црна Гора ѝ се овозможува екстериторијалност на верските објекти, ја отвора можноста за веронаука во државните училишта, се признава шест века подолг субјективитет отколку што СПЦ има во Србија, и се дава јавно-правни овластувања и во некои области овозможува правен статус еднаков на државните институции.

Слични содржини