Владата не прифатила дека македонскиот јазик е заснован на западно-бугарскиот дијалект

од Vladimir Zorba

Владата нема прифатено дела македонскиот јазик е заснован на западно-бугарскиот дијалект, како што тврди лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Тој на својот Фејсбук профил синоќа објави таква информација и додаде дека тоа е прогласување тотална „ВОЈНА ПРОТИВ НАРОДОТ! “

„Со оглед на драматичноста и сериозноста на ситуацијава во која сме доведени како народ, а која може неочекувано да се радикализира и да ескалира во следниов период, искрено апелирам до сите слободомислечки наши сограѓани, да создадеме силен и обединет Опозициски антивладин фронт против ова зло кое Македонија го немала од АСНОМ до денес. Да ги закопаме секирите додека да го кутнеме сатрапот Заев, а после пак ќе “ратуеме” – кој на лево, кој на десно. Ако ова не го сконтаме, пред нос ќе ја изгубиме Републиката, а тешко дека следните генерации ќе си ја повратат. Памет у глава и егото на страна. Долг е патот на Борбата!“, пишува тој.

Владата во повеќе наврати соопштува дека нема намера да разговара за идентитетот и автохтоноста на македонскиот идентитет и јазик.

Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори. Корењата, историјата на мојот народ и на мојот македонски јазик, се исто мое суверено право и право на самоопределување. Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет. Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас. Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи. Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза!“, порача синоќа премиерот Зоран Заев.

Од Владата на Република Северна Македонија категорично демантираа и дека се прифатени сите барања на другата страна во македонско-бугарските односи, а целосна манипулација е информацијата дека “следува потпишување анекс на договорот”.

Владата го демантираше ваквиот текст на порталите Инфомакс, Курир, Република, Експрес, Весник, Нетпрес и Лидер, при што го отфрла како полн со невистини и дезинформации.

За манипулативната намера на овие текстови говори и фактот што некои од позициите изнесени во него се дел од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година, истакнуваат оттаму.

Позицијата на Левица и Апасиев се чини е во координација со ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски, кој во повеќе наврати истакна дека се спрема „распродажба на се што е македонско“.

„Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет!“, изјави вчера на митингот пред влада Мицкоски.

„Не смееме да молчиме за асимилацијата пред нашите очи. Затоа да не дозволиме Заев да ја менува историјата, туку тој да стане историја. Така ќе ја спасиме и нашата историја и нашето достоинство и само така ќе успееме да обезбедиме иднина“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини