Владата разгледува повеќе опции за да се поттикнат граѓаните да се пријават за вакцинација

од Vladimir Zorba

Се разгледуваат повеќе опции за да се поттикнат граѓаните да се пријават за вакцинација како најсигурен и безбеден начин сите да излеземе што поскоро од здравствената криза, изјавија од Владата за „Локално“ по повод информациите од соседството и земјите-членки од ЕУ за „стимулација“ на граѓаните за да примат вакцина против Ковид-19.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска најави 3000 динари награда за секое вакцинирано лице со цел да ги поттикне граѓаните за што помасовна имунизација.

Оваа пракса веќе се применува и во други европски земји кои даваат своевидни „награди“ со цел да се поттикне вакцинацијата.

Од Владата додаваат дека најважно во овој момент е „јавната свест за имунизацијата“.

– Најважно во моментов е да се поттикне јавната свест за важноста од процесот на имунизација. Во таа насока, Владата на 51 седница донесе одлука да се спроведе едукативна и информативна кампања од исклучителен јавен интерес за заштита и за имунизација на населението од КОВИД-19. Вакцинацијата ќе биде долготраен процес, а оваа кампања ќе трае до крајот на годинава, велат од Влада.

Околу 9.000 граѓани добиле термин за вакцинација за вчерашниот ден, но само половина од нив се јавиле на вакциналните пунктови.

Министерот за здравство, Венко Филипче се надева дека одзивот понатаму нема да биде ваков и најави дека денеска треба да се идентификува каде е проблемот, односно зошто некои граѓани се пријавуваат, а потоа не се јавуваат на закажаниот термин за имунизација против Ковид-19.

Тој смета дека нема потреба граѓаните да избираат меѓу вакцините, бидејќи вели, нема контраиндикација за ниту една од нив.

Б.М.

Слични содржини