Владејачкото мнозинство очекува 80 пратеници да гласаат „за“

од desk2

Владејачкото мнозинство и аналитичарите очекуваат дека е можно 80 пратеници да гласаат „ЗА“ пристапување кон уставните измени, но ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нивната пратеничка група нема да ги поддржи.

Тридневната дебата за потребата од уставните измени заврши со истата непознаница со која и почна за тоа дали е обезбедено потребното двотретинско мнозинство. На продолжувањето на седницата закажано за утре најавите се дека е можно да се гласа за потребата од уставните измени. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од своите дискусии, а остануваат уште околу 15 пратеници пријавени за збор, меѓу кои и од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, па ако утре завршат и нивните обраќања, можно е да се премине на гласање. 

Владејачкото мнозинство има 72 гласа, а таквиот распоред на силите се покажа и при гласањето на дневниот ред за седницата во понеделникот- тогаш гласаа 71 пратеник за уставните измени да бидат на дневен ред, но во салата не беше присутен Зијадин Села од Алијансата за Албанците кој се очекува да гласа за отворање на уставот.

Од СДСМ не откриваат дали најмалку 80 пратеници ќе гласаат за да се влезе во следната фаза од уставните измени, но имаат надеж дека тоа ќе се случи.

„Искрено се надеваме дека утре ќе го имаме потребното двотретинско мнозинство, но тоа ќе го покаже гласањето. Според тоа што досега го слушнавме во дискусиите на нашите колеги од опозицијата не постои ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција кој е против членство на Македонија во ЕУ и во НАТО“, изјави Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, постојано тврди дека нивната пратеничка група нема да ги поддржи измените.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи Уставните измени и затоа се откажа од понатамошна расправа во Собранието”, се наведува во соопштението на опозициската партија.

 

И додека дел пратеници од ВМРО-ДПМНЕ своите говори ги завршуваа со „нема да гласам за уставните измени” други беа поумерени и повикуваа на договор меѓу партиските лидери. Неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во текот на собраниската дебата излегоа со такви ставови, меѓу нив, Елизабета Канческа Милевска, Весна Димковска – Илиевска и други, а Панчо Минов од ГРОМ, која е дел од опозиционата коалиција, имаше предлози за амандмански интервенции без целосно да го отфрли договорот.

Ако владиниот предлог за пристапување кон уставните измени поврзани со Договорот од Преспа не помине тогаш извесно е дека ќе се распишат предвремени парламентарни избори.

Слични содржини