Српскиот фудбалски репрезентативец Душан Влаховиќ се наоѓа на клучна раскрсница во својата кариера, бидејќи се чини дека летово ќе стави крај на својата епизода во Јувентус. Според најновите информации од италијанските медиуми, напаѓачот го одбил предлогот за нов договор што му го понудило раководството на клубот од Торино. Јувентус наводно предложил продолжување на соработката, но со намалена годишна плата од 8 до 9 милиони евра, што Влаховиќ го одбил.
Да потсетиме, тој во моментот заработува околу 12 милиони евра по сезона. Овој потег на клубот јасно укажува на намерата да се намали платниот биланс, а со тоа и да се отвори простор за евентуална продажба. Наводно, „Старата дама“ би била подготвена да се раздели со српскиот голгетер доколку пристигне понуда во рамките од 40 до 50 милиони евра.
Веќе се споменуваат имиња како можни замени – меѓу кои најгласно се истакнува младиот дански напаѓач Расмус Хојлунд. Во меѓувреме, шпекулациите за иднината на Влаховиќ не стивнуваат. Турските медиуми го поврзуваат со можен трансфер во Фенербахче, додека англиските медиуми сè почесто го лоцираат во Премиер лигата. Арсенал повторно го изрази интересот за него, додека Астон Вила, како екипа која оваа сезона обезбеди настап во европските натпреварувања, се појавува како сериозен кандидат со интересен проект кој би можел да го привлече српскиот ас.
Летниот преоден рок е на прагот, а судбината на Влаховиќ би можела многу брзо да се разреши. Дали ќе остане во Серија А или ќе прифати нова авантура во една од топ 5 европски лиги, останува да се види. Едно е сигурно – пред него е ново и возбудливо поглавје во неговата кариера.