„Влезени сме во зелена зона“ : Полека се смирува четвртиот ковид бран

од Берта Китинска

Вирусот полека стивнува, бројот на активни случаи се намалува, поради што надлежните очекуваат стабилизација на епидемиолошката ситуација во државата. Во моментов во државата има 2.871 активни случаи.

Се очекува неделева главниот координативен кризен штаб и Владата да донесат одлука во врска со препораката на Комисијата за заразни болести да се укинат сертификатите задолжителни за влез во моловите, онаму каде не е задолжително носењето маски, како и околу препораката за укинување на задолжително поседување негативен ПЦР тест, потврда за прележаност или сертификат за вакцинација при излез од нашата држава, како и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.

Епидемиологот Драган Даниловски смета дека војната во Украина и бранот на бегалци нема значајно да ја наруши епидемиолошката состојба.

-Влезени сме во зелена зона оттаму дефинитивно е потребно да се укинат сертификатите за вакцинација, но тоа требаше и порано, но треба да останат препораките за носење маски во затворени простории особено за луѓе кои имаат хронични заболувања и се постари од 65 години, вели Даниловски за Канал 5.

Тој вели дека е бесмислено да се носат маски во училиштата.

-Јас би предложил укинување на маските во училиштата за мене тоа е бесмислено веќе во ова зелено ковид ниво, вели тој.

Досега во земјата се направени вкупно 1.906.808 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 299.642, бројот на оздравени пациенти е 287.692, на починати е 9.079 а бројот на активни случаи изнесува 2.871.

Слични содржини