ВМРО-ДПМНЕ бара итна средба со Заев и Османи

од Nikola Popovski

По вчерашните изјави на премиерот Зоран Заев во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС, опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара итна средба со премиерот, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

„Вчера Зоран Заев ја понижи Македонија. Вчера Зоран Заев наместо македонските интереси ги застапуваше бугарските интереси и со полно право нашиот народ е бесен и се чувствува понижен. Денес е ден кога приоритет треба да бидат македонскиот народ и Република Македонија кои што како никогаш досега се загрозени од овој човек кој што е спремен на се, на штета на националните интереси. Денеска треба да се повикаат во Собранието Зоран Заев, Никола Димитров и Бујар Османи, ако треба и на затворена седница, да се поразговара за македонските црвени линии и да бидеме информирани како пратеници што е тоа што преговара и што се е спремен Зоран Заев да продаде од македонската држава. Дополнително, како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ повикуваме денеска, македонскиот народ да се обедини на над партиски протест со почеток од 18:00 часот од СЦ „Борис Трајковски“ кој ќе заврши пред Владата, заради пандемијата со КОВИД 19 , замолуваме на почитување на мерките и протоколите за заштита“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од експертите сметаат дека нема бегање од борбата за помирување. Други пак велат дека премиерот со својот став го погази достоинстово на македонскиот народ.

„До помирување може да дојде, Заев и Борисов може заедно да излезат со изјава, а би било добро за сите да изјават и да го осудат насилтвото што се случувало во минатото. Невозможно е да ги решиме сите историски контроверзи, на комунистичкиот и фашистичкиот тоталитаризам. За нас како македонски идентитет друг начин за приближување кон ЕУ освен помирување и решавање на спорот немаме“, вели аналитичарот Ненад Јовановиќ.

Премиерот Заев жали што неговото интервју за бугарски медиум во кое зборува за историјата предизвикало огромно незадоволство кај јавноста. Заев, денеска во обид да го амортизира негативниот импакт од неговиот настап, порача дека на антифашизмот почива македонската државност, но и дека „е неприфатливо давањето етнички карактеристики на фашизмот било тоа во бугарски или кој било друг контекст“.

Слични содржини