ВМРО-ДПМНЕ бара Устав по хрватски модел: „Мицкоски практично сака поништување на Рамковскиот договор, ќе остане без коалициски партнер меѓу албанските партии“

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на партијата, Христијан Мицкоски соопштија дека „уште утре“ се подготвени да ја поддржат постапката за промена на Уставот на државата, но доколку формулацијата на овие измени го следи примерот на хрватскиот Устав, со што Македонија ќе биде „држава на еден народ и неговите малцинства“. „Па не знам дали се сигурни дека сакаат да биде според преамбулата во хрватскиот Устав, еве јас сум подготвен ако е тоа формулата за успех уште утре да ја отпочнеме процедурата, да биде Македонија држава на еден народ и на малцинствата во нејзе. Само да не се каат после тоа, да не речат некои други етнички заедници, па да речат, а не било баш така како што они кажуваат“ рече Мицкоски. 22 малцинства се наведени во Уставот на Хрватска, а формулацијата „малцинства“ не е присутна во преамбулата на Уставот на Македонија. Промените во преамбулата на македонскиот Устав, треба да се направат, според прифатената преговарачка рамка со ЕУ, со влезот на Бугарите, како и на Хрватите и Црногорците и сите оние етнички групи кои го побарале ова.

Благојче Атанасоски

Ваквото барање на Мицкоски предизвика реакции во јавноста. Дел од експертите и аналитичари сметаат дека од денешна гледна точка е невозможно да се случи. Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, одредбите од Охридскиот рамковен договор го анулираат ова барање, што ќе значи практично поништување на ОРД.

-Од друга страна на ваквите изјави ние ќе гледаме спротиставени изјави од кампусот на етничките албански партии кои ќе бараат етнички барања (заедница на албански општини во Македонија по примерот на српските на северот на Косово), и тоа како спирала ќе предизвика зголемување на меѓуетничките тензии, вели Атанасоски за „Локално“.

Оценува дека ваквото барање на опозицијата оди во насока на зголемување на гласачкото тело пред избори.

-Но е политички неодговорно, да давате популистичка изјава со која ќе предизвикате етнореакција од другата етничка заедница, а знаете дека тоа на практика и во реалност не е спроведливо, потенцира Атанасоски.

На прашањето дали и со евентуален 61 пратеник во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ би можел со вакви ставови да направи коалиција со некоја од албанските партии, соговорникот вели дека нема да има 61 пратеник, бидејќи нема да освои над 480.000 гласови.

-Второ не може да има коалиција со етнички албански партии со вакви ставови. Истите веднаш ќе бидат фрлени во заборав ако треба да се прави владина коалиција со некој етничко албански коалициски партнер, дециден е Атанасоски.

Тој го повтори ставот дека во моментов европскиот пат зависи од внесувањето на Бугарите во Уставот.

-Ваквите барања одат само во насока на зголемување на меѓуетничките тензии и уште повеќе одење во ќорсокак, каде што освен прашањето за бугарското малцинство, на маса ќе бидат ставени и теми од внатрешно политичкото уредување на взаемните меѓуетнички односи. Секое отворање на Пандорината кутија, на површина ќе ги извади сите зла, а штета ќе има најмногу државата и нејзината европска иднина, а со тоа и сите ние како граѓани, порачува Атанасоски.

Енвер Салихи

И аналитичарот и поранешен член на ДИК, Енвер Салихи смета дека ваквото барање на ВМРО-ДПМНЕ е уназадување на онаа што се дава со Охридскиот Рамковен договор и не би било прифатливо од Албанците.

-Сепак оваа е добра основа за еден нов почеток бидејќи работата веќе тргна од нула па можеби ќе има промена на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во иднина, вели Салихи за „Локално“.

Според него, не е ова првпат да слушаме големи изјави од политичките актери, „па после изборите да бидат толку кооперативни и коалициски настроени еден кон друг“.

-Сепак оваа е фаза за добивање на довербата и партиите зборуваат тоа што мислат дека им носи гласови додека после изборниот процес почнуваат нивните маки поради неможност за спроведување на ветените мерки, што е еден виден стандард на овие простори, објаснува аналитичарот.

Салихи не верува дека Мицковски ќе остане на овој став кога ќе стане власт.

-Патем овие се тврди изјави и во политиката има заеднички интереси, а не лични ставови и секогаш заедничките интереси се реализираат врз основа на меѓусебен договор. Оваа ја сметам како реторика пред избори и секако било кој да дојде на власта ќе биде во патот кон ЕУ интеграции . Слободно можете да кажете било што кога сте опозиција.  Ако станете власт е потребно да ги решите проблемите а не да мудрувате. Нема потреба за паника, само е потребно при донесување на клучните политики да се земе пошироко мислење од сите актери во државата како би имале консензус за сите прашања и би оделе побрзо кон нашите интеграции кон ЕУ, заклучува Салихи.

Н.П.

Слични содржини