ВМРО-ДПМНЕ: Директорите на ЈЗУ сакаат да си спасат фотелјите

од Nikola Popovski

Писмото на директорите на ЈЗУ за спас на Венко, е писмо за спас на нивните директорски фотелји во ситуација кога и Филипче, и Артан, и Заев треба да си дадат оставки, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, тоа писмо за спас на фотелјите ги обвистини и партиските директиви на СДСМ за организираното жалење за оставката на Филипче за која Заев се уште не се изјаснил дали да ја прифати.

-Очигледно СДСМ повеќе се грижи за фотелјата од независна истрага, стои во реакцијата.

Директорите на Јавните здравствени установи во земјава испратија писмо до премиерот Зоран Заев во кое наведуваат дека не ја прифаќаат понудената оставка на министерот за здравство д-р Венко Филипче и посочуваат дека му даваат безрезервна поддршка да продолжи да ги води.

-Почитуван премиер, во екот на четвртиот бран од пандемијата со корона вирусот, кога бројките на хоспитализирани и за жал починати пациенти не стивнувнаат и кога целиот здравствен систем се бори не само со короната, туку и со сите останати хронични и акутни болести, ни се случи една голема трагедија. Тетово не погоди сите нас, пред се како луѓе, лекари и како менаџери на здравствените институции во нашата држава. Секој изгубен живот е трагедија. Како за семејството, така и за нас, лекарите. Не сме имуни на болката по изгубениот живот, иако работиме во систем каде секојдневно се спасуваат и гаснат човечки животи. Болката ја носиме со себе. И Тетово е болка на сите нас. Изразуваме длабоко сочуство до семејствата и до најблиските на починатите. Нашите мисли се нив и нема зборови со кои може да ги утешиме, стои во писмото од директорите.

Слични содржини