ВМРО-ДПМНЕ до последен момент калкулира со новиот предлог за министер на МВР

од Ивана Рамаданова

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на само ден пред одлуката за избор на техничка влада, калкулира со новиот предлог за кандидат за министер за внатрешни работи.

Имено, како што информираат од партијата, сеуште се дебатира за имињата и одлуката кој ќе биде новиот предлогот за министер на МВР.

Од владечката СДСМ пак очекуваат дека денеска ќе им биде доставен нов предлог и дека договорот бил Заев и Мицковски да остварат телефонски разговор.

ВМРО-ДПМНЕ најави прес конфереренција во 13,30 часот на која се очекува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да соопшти кој е ставот на партијата и дали ќе има нов предлог кандидат за министер за внатрешни работи.

Доколку се надминат разликите помеѓу двете најголеми политички партии, утре треба да биде формира техничка влада.

Опозицијата, освен министер за внатрешни, добива и министер и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за финанси, информатичко општество и земјоделство, а власта добива заменици во МВР и труд и социјала.

Досега, останатите кандидати на опозицијата се прифатливи за власта, а  доколку денеска биде прифатен новиот предлог за министер на МВР, премиерот Заев утре ќе треба да поднесе оставка од функцијата.

Откако Собранието ќе ја констатира оставката и со тоа ќе изгласа недоверба за целиот кабинет, претседателот Стево Пендаровски ќе треба да му го даде мандатот за состав на нова влада на идниот премиер, а тоа по предлог на СДСМ ќе биде актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој треба да го предложи составот на новата влада кој со мнозинство гласови треба да го избере Собранието.

Владата на Спасовски ќе ја води државата 100 дена, до 12 април, кога ќе треба да се одржат предвремените парламентарни избори.

И.Р.

 

Слични содржини