Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа со соопштение по повод новите мерки на Владата за воведување на полициски час во Куманово.
Според нив, „Танчерите Заев и Спасовски предизвикале хаос во Куманово“.
„Додека тие танцуваат со пандемијата, животите на илјадници кумановчани се загрозени. Илјадници стари и изнемоштени, хронично болни и семејства со мали деца беа оставени да се снаоѓаат со храна, намирници и лекови само заради тоа што танчерите решија да ги известат со задоцнување за воведувањето на тридневен полициски час. Заев и Спасовски задлабочени во танцот , заборавија навреме да ги предупредат граѓаните да се подготват и го принудија цело Куманово во неколку часа да излезе на улица со што создадоа услови за масовно ширење на вирусот и ги доведоа во опасност животите на кумановчани.
Република Македонија нема време за импровизации. Потребна е одговорна економска политика веднаш. СДСМ не ја познава економската логика и ја турка државата кон бездна“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие соопштуват дека десетици илјади работници ќе останат без плата поради мерките на Владата, кои имаат за цел да носат политички поени на Заев, ама не и помош на фирмите и затоа според нив Република Северна Македонија нема време за импровизации и дека потребна е одговорна економска политика веднаш.
„Наместо квази мерки. Владата треба веднаш да изврши пренамена на средствата од вториот пензиски столб. Дополнително банките да издадат благајнички записи за државни обврзници.
Потребна е брза реакција. Веднаш! Економијата нема време за чекање. Луѓето не се експериментални глувци. Незнаењето на СДСМ создава паника и несигурност кај граѓаните“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.