ВМРО-ДПМНЕ денеска доставило нови докази до Основното јавно обвинителство за скандалот на Клиниката за онкологија. Сепак од партијата се загрижени што се уште нема оформен предмет и нема започнат процес.
-Јасно е дека зад ваквото однесување стои политичка одлука, СДС веднаш застана зад „Канцер мафијата“ по објавувањето на документите доставени од укажувач во ВМРО-ДПМНЕ. Сето тоа се гледа и од односот со и кон работата на Комисијата во Собранието посветена на случајот „Диво месо“, „Канцер мафија“ на Онкологија, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој посочи дека доставиле документи кои укажуваат:
1. Дека и покрај скапите договори, не била доставувана навремено терапијата за болните кои што се третирале на Клиниката, никој не ги предупредил оние кои што требаа да ја испорачаат и никој за тоа не одговарал, односно за работата на омилената фармацевтска куќа на власта.
2. Доставивме докази дека се создавале можеби фиктивни вишоци на лекови и терапии, тие биле нарачувани, а пациентите сепак не ги добивале.
3. Докази дека никој не водел евиденција каде и како завршувал вишокот од секоја отворена вијала, пакување, со што постојат сомнежи дека вишокот завршувал надвор од болницата.
4. Дополнително терапијата била давана на пациенти во торбички на пациенти за да се искористат во приватни установи, а била наплаќана услуга како да била аплицирана во Универзитетската клиника, рече Стоилковски во своето видео-обраќање.
Во Собранието денеска продолжува со работа Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија. Според деловникот, членовите на Комисијата имаа 30 дена за распит на сведоци, а сега започнуваат предвидените 30 дена за разгледување документација.
-Јавното обвинителство води предистражна постапка и не постапува по барања на други лица. Информации се споделуваат единствено во обем кој нема да ѝ наштети на постапката, реагираа неодамна од Јавното обвинителство по изјавата на министерот за здравство Фатмит Меџити дека е крајно време Обвинителството да излезе со име и презиме за случајот со Клиниката за онкологија.
Јавното обвинителство пак, набргу откако случајот беше објавен во медиумите, ги охрабри сите граѓани кои имаат сознанија во врска со препродавањето лекови на онкологија, истите веднаш да ги пријават.
Од Обвинителството тогаш информираа и дека во истрагата се вклучени и помагаат членови од раководството на Клиниката за онкологија, но и друг медицински персонал, а уверуваа и дека сите наводи ќе бидат истражени и сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети.