ВМРО-ДПМНЕ: Еколошката такса трајно го поскапува горивото

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ реагира на зголемената еколошката такса за горивата. Според нив, оваа такса трајно го поскапува горивото и отвора инфлаторна спирала, а власта ја воведува само за да пополнува буџетски дупки и да го ублажи катастрофалниот долг кој го создаде.

„За само 4 години власта на Заев го искачи долгот на рекордни 7,2 милијарди евра, или загрижувачки 63% од БДП. Само за илустрација долгот за овие 4 години порасна за нови 2,4 милијарди евра или за цели 50% повеќе отколку што наследија. Заев на секое просечно семејство му натовари нов долг од 4800 евра за време на својата власт“, велат од партијата, додавајќи дека овие 4,13 денари по литар поскапено гориво е „обична петро-заева такса која треба врз грбот на граѓаните да ги покрива погубните економски и финансиски политики на Заев, криминалот, корупцијата и галопирачкото задолжување“.

Од Владата велат дека со оваа нова мерка која треба да се воведе на 1 јули нема да се зголеми инфлацијата, ќе се зголемат буџетските приходи и еколошкиот фонд со што ќе се промовира користењето на обновливите извори на енергија. Сепак. Стопанствениците сметаат дека со оваа нова мерка ќе се зголемат трошоците на работењето, раст на цените, а ќе се намали конкурентноста на нивните производи.

За премиерот Зоран Заев, определбата на Владата е јасна, а целта е зелена.

„Сите да се насочиме и кон практично спроведување на зелената агенда, помалку да користиме фосилни деривати, а почесто да користиме еколошки превозни средства, како велосипед, електричен тротинет, електрични возила, возила на хибрид, но и трчањето и пешачењето. Тоа е иднината на земјата“, изјави премиерот во текот на неделата, додавајќи дека со овие 3,5 дополнителни денари на нафтата, таа се уште е најевтина во С. Македонија, ако се погледне цела Европа.

Слични содржини