ВМРО-ДПМНЕ го обвини републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски поради нефункционирањето на Македонија како правна држава. Според соопштението на партијата, Коцевски со месеци ги штити, како што велат, поранешните функционери од СДСМ и ДУИ.
-Коцевски не постапува по наводите за криминал. Коцевски и ЈО со прст не мрднаа по мноштвото докази кои излегоа во јавноста за сторен криминал. За Коцевски не постои институтот за отворање на предмет по допрен глас. СДС поради контрола на судството инсталираше обвинители и судии избрани во Струмица и Зајас кои не постапуваат по наводите за криминал. Извештајот на Транспаренси каде Македонија има пад од 12 места на светскиот индекс на корупција покажува дека токму правосудството е најслабиот столб во општеството во кое граѓаните имаат доверба од само 2 проценти, велат од партијата на власт за причините поради кои се покренува иницијатива за разрешување на главниот обвинител во државата.
Коцевски пред два дена регираше преку писмена изјава во која тврди дека секогаш работел во согласност со закон.
„Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски“, истакна обвинителот кој смета дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации.
Министерството за правда, по налог на Владата ја почна постапката за разрешување на државниот обвинител Коцевски. Се изработува документот којшто ќе ги содржи аргументите зошто се бара негова смена. Потоа, Советот на јавните обвинители ќе треба да даде позитивно или негативно мислење.
Според домашното законодавство, одговорност на јавен обвинител или член на Советот на јавни обвинители утврдува Советот на јавни обвинители, во пропишана постапка. Сепак, ниту во Законот за јавното обвинителство ниту во Законот за Советот на јавни обвинители не е опишана посебна постапка – како се утврдува дисциплинска одговорност или „тешка дисциплинска повреда“ на државниот јавен обвинител.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години. Коцевски на функцијата државен јавен обвинител дојде пред точно една година, односно на 13 февруари 2024 година. Претходно на ова место беше Љубомир Јовески, чиј шестгодишен мандат истече на 25 декември 2023 година.