ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не се појавија на дебатата за една изборна единица

од Aleksandar Todeski

Без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката ДУИ започна дебатата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, за измени во Изборниот законик за една изборна единица, отворени листи и еднаква застапеност на листите.

Присутни се претставници од невладините организации, претставници од Државната изборна комисија, независните пратеници, како и пратениците од СДСМ.

„Ние поддржуваме една изборна единица и отворени листи кои се вметнати во предлог законското решение. Знаеме дека кога станува збор за закон предложен по скратена постапка, нема јавна дебата, од таа причина е веројатно поставена општа дебата. Треба консензус, но треба и да има јавна дебата. Од таа причина, даваме шанса на дебатата. Јас како пратеник не можам да наметнам на другите пратеници дали да свикуваат или не свикуваат јавна дебата, но како пратеник од СДСМ силно ќе стојам на тоа дека треба до крај да стоиме на нашите ставови дека е потребна промена за една изборна единица и не смееме како партија да се откажеме од тоа“, рече Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ на прес конференција пред седницата.

Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ пак, рече дека јавната дебата не може да се одржи затоа што законот е по скратена постапка.

„Ваква јавна дебата не може да се организира и одржи. Она во што се вплетка господинот Кирацовски, сега бара начин како да излезе. Ова е јавен час затоа што не е во процедурите, нивната одлука нема да е обврзувачка“, рече Мицевски пред почетокот на седницата на која тие како партија не се појавија.

А.Т.

Слични содржини