Советници: ВМРО-ДПМНЕ избра претседател на Советот во Карпош со гласови од ГРОМ и СДСМ

„Купен мир и тишина во Советот на Општина Карпош. ВМРО ДПМНЕ си обезбедија мнозинство“, информира советникот Ристовски

од Nikola Popovski
44 прегледи Фото: Општина Карпош

ВМРО-ДПМНЕ избра претседател на Советот на Општина Карпош со помош на советници од редовите на СДСМ и ГРОМ – барем вака тврдат дел од советниците кои присуствувале на вчерашната конститутивна седница. На гласањето, советниците го избрале Христо Саракинов, носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ, за прв човек на Советот.

„Денес се одлучивме да понудиме претседател на Совет од Независни за Карпош, можност да се овозможи другите советнички групи да имаат една функција вон комплетното мнозинство на ВМРО во општина Карпош. Имаше два кандидати, јас и координаторот на ВМРО. Гласачите мора да знаат дека таа можност ја отфрлија еден член на ГРОМ , Зоран Краљевски, и еден член на СДСМ, Радослав Трошановски. Истите гласаа за претседател на совет од редовите на ВМРО. Ние продолжуваме, како, ова беше прв показател“, информира советничката од „Независни за Карпош“, Татјана Стојановска, преку објава на својот Фејсбук-профил.

За обезбеденото мнозинство од страна на владеачката партија, потврди и советникот на Левица во Советот на општина Карпош, Дарко Ристовски. Тој тврди дека станува збор за „купени гласови“.

„Купен мир и тишина во Советот на Општина Карпош. ДПМНЕ си обезбедија мнозинство во Советот на Карпош — со купени гласови од советници на СДСМ и ГРОМ. Каков пресврт!

Да ги „поздравиме“ советниците кои ја потврдија оваа слика: Радослав Трошановски од СДСМ и Зоран Краљевски од ГРОМ — долгогодишен соработник на поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски.

По кој знае кој пат во историјата на македонскиот плурализам се докажа дека највреден комодитет за продажба е човечкиот интегритет.

Да не заборавиме да споменеме дека советниците од другите партии, предводени од ДПМНЕ, без двоумење потпишаа свечени изјави со „Северна“ — затоа што фотелјите се многу поважни од патриотизмот, а совеста е опционална. Мирот што го купија денес ќе им се врати како политичка бура утре“, објави Ристовски.

ВМРО-ДПМНЕ, иако победи во градоначалничката трка со кандидатот Сотир Лукровски и освои најголем број места во општинскиот совет, сепак нема мнозинство. Од 27 члена, 12 се од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и еден од ЗНАМ, додека по четири имаа СДСМ, Левица и коалицијата „Искуство за успех“, во која дел е и ГРОМ на досегашниот градоначалник Стевчо Јакимовски. Тројца се независни.

Слични содржини