ВМРО-ДПМНЕ наутро бега од судски рочишта, попладне протестира за „правда“

од Vladimir Zorba

Вчерашниот ден донесе интересни случувања во делувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која во последниот период ги зајакна своите активности на улиците иако малку неразбирливо имајќи предвид дека Собранието и Владата само што се формираа, а од изборите минаа нешто повеќе од два месеци.

Во првиот дел од денот, една од ударните вести низ медиумите беше дека судското рочиште за предметот „Талир“ во кој 14 поранешни но и актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ се товарат за незаконско финансирање на партијата се одложува. Причина: Игор Јанушев веќе не бил овластен претставник на партијата откако веќе не е генерален секретар, а неговиот заменик Наум Стоилковски бил болен иако пред помалку од 24 часа пред рочиштето прилично здрав и полн енергија држеше прес-конференција во седиштето на партијата.

Некој час подоцна следуваше ново судско рочиште со ВМРО-ДПМНЕ како обвинет субјект. Овој пат обвинителката Вилма Русковска ги тужи затоа што опозициската партија ја наклеветила во предизборен ТВ спот и бара оштета од 10.000 евра. Инаку ваква пракса во која лица од правоудството се користат во негативни предизборни кампањи на политички партии, досега беше непозната во македонската политика.

Работнотo време на судовите заврши, но тогаш се активираше ВМРО-ДПМНЕ на нов протестен марш предводен од Христијан Мицкоски. На протестот покрај Мицкоски говореа и Игор Дурловски, човекот кој ја предводеше толпата на 27 април и Ружица Николовска, адвокатка на некои од обвинтетите и сега веќе осудени за насилствата од „крвавиот четврток“.

Покрај стандардниот речник во кој изобилуваше зборот „мафија“ и Мицкоски и другите говорници се навратија на осудените за 27 април, нарекувајќи ги уставобранители и најавувајќи дека тие ќе бидат ослободени тогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе власта. Во говорите не се штедеа ниту зборови за поддршка на поранешената министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска која сега веќе е правосилно осудена и чека упатен акт за издржување казна затвор.

Меѓу останатите барања, Мицкоски побара опозицијата да го предлага државниот јавен обвинител онака како што СДСМ ветила во 2016 година. За потсетување Мицкоски во неколку наврати како потенцијален предлог за државе јавен обвинител го споменуваше Владимир Панчевски, човек против кого се води судски предмети поради основани сомневања за манипулации на АКМИС системот за распределба на судии за одредени предмети.

Се на се и вчерашниот ден и дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ можат да се опишат со една реченица. Дека ВМРО-ДПМНЕ наутро се соочува или бега од судски рочишта, а попладне маршира и бара наводна правда, при тоа не сакајќи да се соочи со сопствената одговорност.

Сето тоа е уште еден доказ во каква рапсодија на неорганизирано правно и политичко дејствување се наоѓа опозициската партија предводена од Мицкоски кој упорно не се откажува од улогата на непоправлив бранител на криминалот.

Слични содржини