Владејачката СДСМ ги демантираше денешните тврдења на опозициската ВМРО ДПМНЕ дека министерката за финансии Нина Ангеловска по наредба на премиерот Зоран Заев за 45 дена ја имаат задолжено државата за над 150 милиони евра.

„Како што јавно соопшти Министерството за финансии, со денешната аукција ќе се покриија стари долгови од претходно издадени државни хартии од вредност, кои доспеваат за исплата на 16ти и 19ти октомври. Нема ново нето задолжување, туку станува збор за презапишување на претходно издадени државни обврзници, од кои најголем дел се издадени пред 5 години. Неколкупати во низа се намалени и каматните стапки и моментално тие се на историско најниско ниво, нешто што во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ не можеше да се очекува.“ – се вели во реакцијата од СДСМ откако од ВМРО излегоа со напади.

„Денеска Заев и Нина Ангеловска ќе ја задолжат државата за нови 53.6 милиони евра со што ќе ја осиромашат државата и граѓаните на Република Македонија.Тоа е во просек над 3 милиони евра дневно задолжување во изминативе 45 дена. Психолошката граница на долгот одамна е помината. До сега, никаков проект немаме видено дека се реализирал или дека воопшто отпочнала реализација, кој е од корист на граѓаните.“ – рече денеска Димче Арсовски – Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак потсетуваат дека СДСМ се грижи за граѓаните , а за тоа покажува податокот за висината на јавниот долг. Кога ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година ја презема власта, јавниот долг изнесуваше 45,7% од БДП, додека истиот на 31.12.2016 година беше 48,8% од БДП Јавниот долг денес бележи значително намалување и заклучно 30.06.2019 година изнесува 46,7% од БДП. Лагите на ВМРО-ДПМНЕ веќе одамна не минуваат граѓаните секојдневно ја гледаат разликата меѓу одговорното и отчетно работење на СДСМ и криминалото и деструктивно однесување на ВМРО-ДПМНЕ. –  стои во соопштението од СДСМ.

Слични содржини