ВМРО-ДПМНЕ поднесе 174 амандмани на ребалансот на буџетот

од Берта Китинска

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија, поднесе 174 амандмани преку кои ќе се обидеме барем малку да го подобриме секојдневието на граѓаните. При креирањето на амандманите се водевме од три приоритети: вистинско стимулирање на економијата преку капитални инвестиции кои се остварливи, помош на граѓаните и стопанството во овие тешки моменти и спречување на расипничкото трошење на парите од страна на власта, вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.

Оттаму посочуваат дека како позначајни,се амандманите кои што се по барање на ССМ и КСС, намалување на акцизи и ДДВ за горива, ослободување од ДДВ за храна како и финансиска поддршка за фотоволтаични и соларни системи за домаќинствата.

-Со оваа власт на ДУИ и СДСМ кризата ќе се продлабочува бидејќи тие се извор на кризи. Со ребалансот ништо нема да се промени на подобро, напротив, Македонија ќе продолжи да тоне уште повеќе. Затоа потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро за добро на граѓаните, државата, стопанството, младите, земјоделците, пензионерите, просветните, здравствените, образовните работници и секој еден човек, вели Стојаноски.

Слични содржини