ВМРО-ДПМНЕ се ребрендира со дополнителни бои, од СДСМ велат: Бадијала ја менуваат бојата, наравот е ист

од Берта Китинска

„Македонија за сите луѓе“ е новата политичка стратегија светоглед со кој ќе дејствуваме, силата која ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои ја сакаат Македонија и животот го гледаат овде. Време е да зборуваме за иднината, да се крене земјава од оваа национална и економска девастација. Македонија на е на касти, клики и слоеви, туку на сите македонски граѓани, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Охрид, на прославата на 31-от партиски роденден.

Тој посочи дека опозициската партија и визуелно се ребрендира со дополнителни бои покрај оние што ги носи ДПМНЕ и на државата – црвена, жолта и црна.

-Да се обединиме и да си подадеме рака сите кои своите идеали ги наоѓаат во десниот спектар. Ако тие се здружат, нема кој да ги победи – изјави Мицкоски, додавајќи дека нивната цел е економски развиена државата, која ќе биде членка на Европската унија.

Во својот говор упати критики кон владејачката партија укажувајќи дека со новата стратегија на партијата младите ќе се задржуваат во земјата.Тој нагласи дека Македонија е многу повеќе од една или две партии, од една генерација или повеќе генерации политичари. Мицкоски кажа дека Македонија е заедничката покривка околу која сите се обединуваме.

Бадијала ВМРО-ДПМНЕ ја менува бојата, наравот е ист, велат од СДСМ

„Бадијала ВМРО-ДПМНЕ ја менува бојата, наравот е ист, Мицкоски продолжува да работи на штета на интересите на граѓаните и државата, велат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека бадијала ВМРО-ДПМНЕ се пребојува со сите можни бои.

-Во суштина, тоа е партија заробена во режимот, партија која работи на штета на интересите на граѓаните и државата.Мицкоски може да ископира уште слогани од СДСМ, да се расфрла со флоскули, но во реалност тој е единствениот кој е на браникот на криминалот, обичен поттрчко на бегалецот во Будимпешта.Наводната нова стратегија на ВМРО-ДПМНЕ е само фасада, и тоа од оние барокни со гипс картон, а во внатрешноста таа е шуплива и веќе видена.Не може Мицкоски да донесе никакви реформи ниту во сопствената партија, а не пак во државата.Покрај денешните блефирања, Мицкоски може да измислува уште сто различни методи за храбрење на сопствено членство, но во реалноста јавноста гледа отсуство на подготвеност за сериозна внатрешна реформа во ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ.

Слични содржини