ВМРО-ДПМНЕ: Срам е да патуваме со пасоши со истечен рок

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ реагираат на тоа што истечените пасоши во земјава ќе важат до крајот на годината.

„Замислете државата им вели на своите граѓани патувајте со пасоши со истечен рок, а ние ќе ги известиме државите. Каков срам за Заев, за Спасовски“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека тие очигледно ниту се срамат, уште помалку им е гајле какви се би можеле да бидат последиците за граѓаните кои би стигнале на граница на друга држава со пасош со истечен рок.

„Ама не само што нема пасоши, нема регистарски таблички, нема ни возачки дозволи. Арно, ама Заев и Спасовски имаа многу работа, тие мислеа дали ќе имаат пасоши за наркодилерите, за криминалците, за мафијашите, за лицата кои ги бара Интерпол. За нив ова се граѓани од прв ред, тие „мораа“ да се погрижат за нив за да можат слободно да патуваат?! Каков срам за Македонија? Какви лица ја водат Владата?“, стои во соопштението.

Согласно законските измени пасошите на граѓаните, чија важност истекува по 31 јули 2020 година, ќе продолжат да важат до 31 декември 2021 година. Ваквите пасоши ќе можат да се користат од 1 јули.  Оваа можност ќе ја користат и граѓаните кои живеат во Македонија, а им се истечени патните исправи. Официјална бројка на граѓани чии патни исправи престанале да важат нема. Проценките се дека се работи за десетици илјади граѓани.

Од министерството за внатрешни работи пак, велат дека граѓаните со истечени пасоши или лични карти можат да извадат нови бидејќи обрасци за пасоши и лични карти има доволно, а решен е проблемот и со недостатокот на регистарски таблички.

Слични содржини