ВМРО-ДПМНЕ: Заев да одговори кој лови во матно и зошто не се знае ништо за набавката на 50 респиратори

од Vladimir Zorba

„Состојбата е алармантна, Заев покажа дека е економски неписмен, а ја води државата. И додека Заев се обидува да биде економист и танцува со короната, народот се обидува да преживее и танцува со растечката сиромаштија“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на интервјуто на Заев за Канал 5.

„Зоран Заев денес покажа елементарно економско непознавање. Користењето на парите од вториот пензиски столб не значи било какво загрозување на пензиите. Токму таква мерка сега презема Естонија. Тоа што е добро за земја членка на ЕУ не е добро за Заев.

Претворањето на благајнички записи во државни обврзници е вишок на ликвидност на банките и не претставува нивно загрозување. Заев очигледно треба да се врати во прва година на Економскиот факултет во Скопје, за да научи некои базични операции.

Додека Заев се смее по емисии, докторите голораки се справуваат со најголемата епидемија на светско ниво по Втората Светска Војна.

Заев лаже кога вели дека докторите се заштитени со заштитна опрема. 15% од сите заразени од корона се доктори. Наместо облечени во скафандери, со заштитни визири, ракавици и медицински маски, докторите во ек на пандемија имаат ниво на опременост како да одат по доручек.

Се ќе беше во ред доколку Заев и владата на СДСМ се грижеа за народот, а не за матни набавки вредни милиони во ек на вирус.

Заев мора да одговори кој лови во матно и зошто не се знае ништо за набавката на 50 респиратори!?

Заев мора да одговори од каде знае за сумата од 1 милион и 250 илјади евра за набавка која според Венко Филипче не е завршена и е во тек постапката!? Дали се работи за однапред договорена зделка!? Кој профитира за време на коронавирус, врз грбот на граѓаните!? Буџетот не е бунар без дно, а Заев крати од народот, ама не и од тендерите на олигархијата на власт“, велат од опозицијата.

Слични содржини