Грчката јавност вчера го виде договорот кој што го прифати Зоран Заев. Очекувано, бидејќи властите на соседна Република Грција сакаа да се пофалат со триумфот и одбраната на сопствените национални интереси, вели во соопштение ВМРО -ДПМНЕ.
„Истиот договор беше сокриен од граѓаните на Република Македонија. Зоран Заев го криеше обидувајќи се да купи уште еден ден за медиумите и новинарите под негова контрола да ја убедуваат јавноста дека поразот е победа.
Договорот на Зоран Заев за промена на уставното име на Република Македонија претставува капитулација за Македонија.
Зоран Заев и СДСМ немаат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се противи на договор кој е штетен и спротивен на македонските интереси.
Овој договор е директен удар на темелите на државноста и го поткопува уставниот поредок на Република Македонија.
Цела јавност виде како Зоран Заев од опозиција се колне во сопствените деца и предци дека нема да прифати промена на уставното име. Сега од позиција на власт Зоран Заев без срам го промени неговиот став и прави непроценлива и неповратна штета.
Зоран Заев дури и кога се колне во сопствените деца, дрско лаже!
Со овој капитулантски договор најмногу губат граѓаните и идните генерации. Овој договор е навреда и понижување за сите граѓани на Република Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име и ќе се спротивстави со сите демократски и правни средства против овој капитулантски договор.
ВМРО-ДПМНЕ е партија која работела, работи и ќе продолжи да работи за интересите на граѓаните на оваа држава.
ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на зачувување на националните интереси на Република Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ останува со Република Македонија“, пишува во соопштението.
______________________________