ВМРО-Народна бара да се задржи летното сметање на времето

од Nikola Popovski

ВМРО-Народна партија не се согласува со вчерашната одлука на Владата и смета дека треба да се задржи летното сметање на времето, а не како што е досегашната пракса.

-Сакаме да ја потсетиме македонската јавност дека воопшто промената на летното и зимското сметање на времето е со цел на добивање на еден час повеќе дневна светлина што значи и поголема заштеда на енергијата. Северна Македонија од тој еден час повеќе дневна светлина досега доброволно се откажуваше и покрај тоа што географската позиција ни овозможува без проблем да го имаме тој час повеќе дневна светлина. Значи останувањето на летното сметање на времето за македонските граѓани значи еден час повеќе дневна светлина и еден час заштеда на енергетски трошоци што е исклучитечно важно во овој временски период, велат од партијата на Љубчо Георгиевски.

Владата на вчерашната седница ја разгледа Информацијата од Министерството за економија, во врска со изготвената анализа за можноста за продолжување на примената на летното сметање на времето и согласно сите анализи е заклучено дека ќе се пристапи кон примена на зимското сметање на времето, како што се практикуваше и досега.

Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 – 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија.

Слични содржини