ВМРО-Народна партија изразува загриженост од иницијативата на телевизиите кои поседуваат национална концесија, во преговорите за медиуми утврдени со Пржинскиот договор, да бидат ослободени од обврската утврдена со закон за производство и емитување на одреден квантум на македонска продукција.

VMRO-NP-Ljubco-Georgievski (1)
„ВМРО-Народна партија потсетува дека покрај помалку важните технички услови за добивање на концесија за национална телевизија, главен критериум е негување, продукција, проширување, афирмација, потикнување на секаков вид на проекти кои во својата содржина го формираат и зајакнуваат чувството за припадност и идентитет на граѓаните на Р.Македонија. Тоа подразбира поголема застапеност на домашна музика, културни настани, филмски остварувања, телевизиски серии, научно образовни и спортски емисии поврзани со нашето општо живеење.

Од друга страна, ова ќе значи и дополнителна ангажираност и стимулација за пообемно и поквалитетно творештво на наши истакнати писатели, драматурзи, режисери, композитори, глумци и пеачи, и научно истражувачки млади кадри со кои несомнено располага Р.Македонија. Комерцијалната оправданост за понудената ефтина странска продукција кои по правило се со сомнителен квалитет, на која се повикуваат телевизиите, само ќе го попречи овој тренд на застапеност на македонското творештво.

ВМРО-Народна партија заради сето горе наведеното, бара, во договорот за медиуми зголемување на сите видови телевизиски проекти од домашна продукција и промена на термините за нивно прикажување во време кога можат македонските граѓани што повеќе да ги гледаат“, стои во соопштението на ВМРО-НП.

Слични содржини