Во Гана потврдени првите два случаја на смртоносниот Марбург вирус

од Stefanija Kuzmanovska

Во Гана се потврдени првите два случаја на смртоносниот вирус Марбург, многу заразна болест од исто семејство како и вирусот што предизвикува ебола.

Официјални лица во западноафриканската земја соопштија дека и двајцата пациенти починале неодамна во болница во јужниот регион Ашанти.

На почетокот на месецот им беше извршено тестирање и беше утврдено дека се позитивни, а сега присуството на овој вирус е потврдено и во лабораторија во Сенегал.

Здравствените власти соопштија дека 98 лица се во карантин поради сомневање за контакт со заразените.

Светската здравствена организација (СЗО) ја пофали брзата реакција на властите во Гана.

„Ова е добро бидејќи без итна и решителна акција, Марбург лесно може да излезе од контрола“, рече д-р Матшидисо Моети, директор на СЗО за Африка.

Сè уште нема лек за болеста предизвикана од Марбург, но лекарите велат дека со пиење многу вода и лекување на специфични симптоми, се зголемуваат шансите на пациентот да преживее.

Вирусот меѓу луѓето се шири преку телесни течности.

Тоа е тешка, често фатална болест чии симптоми може да вклучуваат главоболка, треска, болки во мускулите, повраќање крв и крварење.

Слични содржини