Во моментов на територијата на Скопје нема посериозни пожари, соопштија градските власти

од Nikola Popovski

Вчерашниот ден беше исклучително тежок ден за екипите на Пожарна Скопје, кои имаа 22 интервенции на територијата на Скопје. Најголем дел од интервенциите беа за запалена трева, а поголем пожар се случи во фабриката ОХИС. Сите пожари се изгаснати, а на локациите се интервенираше со повеќе возила и пожарникари, информираа од Град Скопје.

Според нив, во моментов на територијата на Скопје нема посериозни пожари.

-За жал, треба да се напомене дека во време кога низ целата земја се соочуваме со голем број на пожари, кои нанесуваат голема материјална штета, како и непроценлива штета на флората и на фауната, а имаме и човечки жртви, во текот на вчерашниот ден имавме и 7 лажни пријави на пожари, објавија од градот и упатија апел до сите граѓани во овие тешки времиња да се однесуваат одговорно и да не го злоупотребуваат телефонскиот број 193, бидејќи во случаи со пожар секоја секунда е важна и истата може да загрози или да спаси нечиј живот.

Македонската влада, поради зголемениот број пожари, прогласи кризна состојба на територијата на целата земја во траење од 30 дена.

Од вторникот, исто така на сила е целосна забрана за движење во шумските области во целата земја.

Десетици пожари горат во нашата земја, а според Центарот за управување со кризи (ЦУК), жариштата се активни во регионот на Битола, Струмица, Куманово и Штип, во источниот дел на земјата и на уште неколку места.

Слични содржини