Во потрага по исчезнатиот во Крушевско се вклучува и Армијата

од Radmila Tasevska

По барање на градоначалникот на Општина Крушево до Центарот за управување со кризи денес во потрага во Крушевско по исчезнатото лице Киро Пупоноски, се вклучуваат и сили на Армијата, со 100-тина армиски припадници и едно куче трагач, како и со соодветни материјално-технички средства, информираат денес од Центарот за управување со кризи.

Потрагата, според информацијата од ЦУК, трае во континуитет од самото пријавување во МВР, од 14:45 часот во Полициската станица (ПС) Крушево во четвртокот на 22 декември годинава.

Во петокот, на 23 декември во потрагата учествувале 14 полициски службеници од ОВР Крушево, три лица од единиците за брзи интервенции од ДЗС, една екипа со куче трагач и еден хеликоптер од МВР, ловно друштво „Елен“ со 15 ловџии, екипа од Шумска полиција и околу 50-тина граѓани доброволци.

Се пребарувале сите околни места, шумските појаси, низинските места и селските населени места. Потрагата во вечерните часови продолжила во градот, населените места (колиби, напуштени куќи, штали) и слични места. Полицискиот хеликоптер што трагал бил повлечен во 16:00 часот.

-Вчера од 7:00 часот па до доцните вечерни часови, при потрагата биле опфатени реоните со дел од шумските појаси кон село Бирино и манастирот Свети Спас и други места на кои се претпоставувало дека е можно да е исчезнатиот. Учествувале 30 полициски службеници од ОВР Крушево, 4 лица од единиците за брзи интервенции од ДЗС, една екипа од МВР со куче трагач и хеликоптерот од МВР, РЦУК Крушево со тројца вработени, а истовремено биле ангажирани уште едно куче трагач од страна на семејството, ловното друштво ЕЛЕН со околу 60 ловџии кои трагаат на терен на различни локации, двочлена екипа од Шумска полиција со едно возило и околу 50-тина граѓани доброволци, информираат денес од ЦУК.

Регионалниот центар за управување со кризи РЦУК Крушево е во координација со сите екипи од институциите и редовно добива информации.

Како што информираа од семејството на исчезнатото лице, во инфо-апелот пренесен од медиумите во пошироката јавност, лицето боледувало од деменција, носело очила, а на денот на исчезнувањето било облечено во црна блуза и црни тренерки со бели линии.

Ако некој го видел лицето во некое населено место каде што би можело и случајно да стигне, во околните места и во околните градови, може да пријави на бројот за итни случаи во ЦУК – 112, па потоа во соработка со институциите во тие места да се конкретизира потрага според дојавите.

Слични содржини